Мода вестиМоден мозаик

Пустинската магија на Тони Ворд

Модниот визионер Тони Ворд го претстави својот „шепот на дините„

Во историскиот амбиент на Réfectoire des Cordeliers, во срцето на француската престолнина, дизајнерот Тони Ворд (Tony Ward) ја претстави својата најнова колекција на висока мода за есен/зима 2026/27, насловена како „Whispers of the Dunes“. Пистата беше трансформирана во волшебен пустински предел, каде силуетите и движењето ја раскажуваа приказната за природата во постојана метаморфоза.

„Фустаните мора да научат како да дишат“

Креативниот директор Тони Ворд, познат по својот прецизен и скулптурален пристап кон модата, ја објасни суштината на оваа колекција и макотрпниот процес на создавање во неговото ателје:

„За време на финалните проби во ателјето, додека ткаенината се преклопува, се закачува и асиметрично се обликува околу телото, тоа се дефинитивните моменти на вистината. Тогаш креациите на високата мода навистина учат како да дишат. Пустината ја гледам како жива сила, а не само како песок. Со оваа колекција сакавме да го уловиме тој ритам на дините – каде спокојството и моќното движење на ветерот соочествуваат во совршен баланс. Секој шев и секоја рачно плетена свила се направени за да рефлектираат трансформација.“ https://www.youtube.com/watch?v=BtMrcaY5ZLE

Патување низ пустинските бои и текстури

Ревијата започна со смирени, суптилни тонови на песок и нежни велови инспирирани од номадските патувања. Како што напредуваше претставувањето на колекцијата, енергијата на пистата се менуваше како пустинска бура – боите еволуираа во топол килибар, длабоки земјени нијанси, за на крајот шоуто да кулминира со луксузни златни фустани кои го симболизираат враќањето кон мирот и светлината.

Посебно внимание привлекоа уникатните ателје техники: рачно изработените материјали – ексклузивно развиената рачно плетена свила, потоа фустаните со скулптурални форми на рамениците и прецизни плисирани материјали, како и стотици илјади ситни кристали и монистра кои трепереа под светлата на пистата.

Тони Ворд е либанско-италијански дизајнер, често нарекуван „Архитект на деталите“ поради неговиот специфичен спој на прецизна структура и женствена флуидност. Син на познат кројач на висока мода во Бејрут, тој го усовршуваше својот занает во Париз, работејќи за престижните модни куќи Lanvin, Dior и Chloé. Во 1997 година ја лансираше сопствената модна марка, која денес е синоним за безвременска елеганција, луксузни материјали и уникатни рачни везови кои редовно ги носат кралски семејства и холивудски ѕвезди на црвениот тепих.

Со најновата колекција Тони Ворд уште еднаш докажа дека високата мода не е само облека, туку уметност во континуирано движење која ја слави незапирливата моќ на природата./M.M.

Комплетната колекција и сите детали се достапни на официјалната страница на [Tony Ward Couture](https://www.tonyward.net/).

You may also like

Comments are closed.