ВестиКултура на живеењеМода вести

Светски скандал поради обетките на Зендаја

Од бесценето речиси 3.000 години старо иранско злато направени обетки за Зендаја, за премиерата на Одисеја.- Спојот на старогрчка тематика со присвоено иранско злато од сосем друга ера е целосно промашување – стилско и историско.

Појавувањето на американската актерка Зендаја на свечениот прес-настан во Лондон по повод нејзиниот најнов филм „The Odyssey“ (Одисеја), наместо со вообичаените пофалби за стилот, заврши со меѓународен скандал кој ги крена на нозе археолозите, историчарите и пошироката јавност.

Иако на прв поглед нејзината модна комбинација изгледаше беспрекорно, вистинскиот шок настана кога нејзиниот стилски тим гордо откри дека уникатните обетки што ги носеше актерката не се модерна креација. Станува збор за вистински златни медалјони со мотиви на сонце кои датираат од околу 700 година пред новата ера.

Од археолошки локалитет до моден додаток

Овие бесцени златни дискови биле ископани во далечната 1947 година во познатиот археолошки локалитет Зивије, лоциран во Иран. Како овие историски артефакти завршиле во рацете на холивудските стилисти кои решиле буквално да ги преправат и дупнат за да станат обетки за црвен тепих, сè уште не е целосно разјаснето, што дополнително го зголеми бесот кај јавноста.

Овој моден преседан брзо се претвори во главна тема на глобално ниво, па за скандалот  со големи истражувачки стории се огласија водечките светски медиуми. Престижниот The Guardian прв ја покрена лавината пренесувајќи ги острите осуди од археолошката заедница, додека The New York Times објави детална анализа за патеката на накитот од галеријата во Мејфер до црвениот тепих. Додека магазинот People се фокусираше на естетскиот судир меѓу фустанот на Jacquemus и антиквитетите, EuroNews и The Telegraph ја отворија пошироката и многу посериозна политичка дебата за потеклото на овие веројатно ограбени артефакти, ставајќи го целиот тим на актерката под огромен медиумски притисок.

На социјалните мрежи веднаш се појави лавина од остри критики, а најгласни беа културните организации и историчарите. „Античките богатства од непроценлива вредност припаѓаат во музеите каде што треба да бидат заштитени и проучувани, а не да се третираат како евтин накит за позирање пред фоторепортерите. Ова е класичен пример за колонијално грабање и непочитување на туѓата културна историја“, гласи еден од највиралните коментари на платформата Икс.

Тотално историско промашување

Она што дополнително ги изнервира филмските и историските критичари е целосното промашување на контекстот. Имено, Зендаја го промовираше филмот „The Odyssey“, кој е екранизација на познатиот старогрчки еп на Хомер за кралот Одисеј. Спојувањето на старогрчката тематика со несоодветно присвоено иранско злато од сосем друга ера беше оценето како „целосен стилски и историски кикс“ кој покажува површност во подготовката на настапот.

Засега, ниту Зендаја, ниту нејзиниот менаџмент и стилисти се немаат огласено со официјално соопштение по повод остриот „backlash“ од јавноста. Сепак, јасно е дека овој настан ќе отвори многу поширока дебата во Холивуд за границите меѓу високата мода, естетиката и заштитата на светското културно наследство.

Зад овој контроверзен стајлинг стои долгогодишниот стилист на Зендаја, Ло Роуч, кој белиот фустан од модната куќа Jacquemus реши да го комбинира со античкиот ирански накит. /M.M.

Фотографиите се објавени на Инстаграм профилот.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.