Дизајнерите на CFDA ги издвоија највпечатливите модни појавувања
Дизајнерите на Council of Fashion Designers of America (CFDA) оставија силен моден печат на Actor Awards, на што се осврна и самата организација во своето издание, посочувајќи ги, според нивна оценка, најуспешните појавувања на црвениот тепих.
Американската мода беше еден од главните акценти на црвениот тепих на 32. издание на Actor Awards, поранешните Screen Actors Guild награди, што се одржаа на први март во Лос Анџелес. На настанот, кој традиционално претставува значаен момент од сезоната на филмски награди, бројни актери и јавни личности се појавија во креации на дизајнери членови на Council of Fashion Designers of America (CFDA), со што американскиот дизајн доби силна видливост на црвениот тепих.
Меѓу најзабележаните појавувања беше актерката Деми Мур, која пристигна во драматична haute couture креација на Schiaparelli дизајнирана од Даниел Розбери. Фустанот од колекцијата пролет–лето 2026 се одликуваше со скулптурална црна силуета и впечатлив бел тул украсен со апликации, создавајќи силен визуелен ефект.
Внимание привлече и пејачката и актерка Тејана Тејлор која заедно со ќерката на настанот се појави во специјално изработена креација на Thom Browne. Фустанот, составен од повеќе од 160 делови и рачно украсен со стотици монистри и светки, беше меѓу најкоментираните модни моменти на вечерта.
Actor Awards, кои годинава официјално го заменија името SAG Awards, се сметаат за еден од клучните настани во холивудската сезона на награди, а црвениот тепих е своевидна платформа за презентација на актуелните модни трендови и на дизајнерските куќи.
Токму затоа, силното присуство на дизајнери поврзани со CFDA на годинашното издание покажува дека американската мода има значајна улога во креирањето на визуелниот идентитет на холивудските настани./M.M.
Фотографии: Council of Fashion Designers of America (CFDA)




















