Новата ready-to-wear колекција на Dior, потпишана од Џонатан Андерсон, ја претвори прошетката во театар, а модната ревија во уметност.- Во Tuileries, модата не беше само претставена, туку и доживеана – како современа верзија на старите дворски спектакли, исполнета со модерна енергија што ја претвора едноставната прошетка во силна модна изјава.
![]()
Во амбиент исполнет со статуи, фонтани и внимателно уредени цветни алеи, модната ревија беше замислена како процесија низ паркот. Погледи што се сретнуваат, силуети што се разминуваат и тивки разговори создаваа чувство на внимателна кореографија, каде што секој чекор изгледаше како дел од перформанс.
Централната точка на сценографијата беше познатиот осмоаголниот базен, кој доби нова улога во просторот. Околу него беше создаден своевиден парк со вештачки водни лилјани на површината на водата и цветни мотиви на ткаенините што се надополнуваат со природните цветови во градината.
Колекцијата ја истражува тензијата меѓу редот и спонтаноста – тема блиска до дизајнерот, познат по својата наклонетост кон природата и флоралните мотиви. Силуетите ја следат женската форма без да ја ограничуваат: нагласени струкови, скулптирани волумени и ткаенини што се движат со телото.
Посебно внимание е посветено на модните додатоци, кои во оваа колекција добиваат нова наративна улога. Чантите, ракавиците и накитот не се само финален детал, туку јасна стилска изјава што ја нагласува индивидуалноста и самодовербата на жената.
Колекцијата есен/зима 2026 на Dior ја црпи својата драматичност од секојдневниот живот на Парис, трансформирајќи ја обичната градска прошетка во моден настан. Со суптилни изненадувања во пропорциите, декоративните елементи и слободата на движењето, куќата создава визија за жена која чекори самоуверено, свесна дека секој чекор – низ градина или по градски тротоар – може да стане израз на стил./M.M.
Фотографии: сајтот на Dior
![]()



















