Триесет и првата колекција на дизајнерката, инспирирана од апстрактното сликарство на Хелен Франкенталер, ќе биде промовирана на 5 март во салонот на KARE во Скопје
Новата модна колекција Vivid Echoes на дизајнерката Росица Мршиќ претставува истражување на апстрактниот визуелен јазик како извор за современ, скулптурален моден израз. Инспирирана од делата на Хелен Франкенталер и нејзините експанзивни полиња на боја, колекцијата ја трансформира сликарската апстракција во архитектонски конструирани, носливи силуети.
Секое парче функционира како автономен дизајнерски објект, каде дисциплинираната конструкција и графичките линии ја балансираат експресијата на бојата. Преку намерна редукција и комплексна конструктивна обработка, Vivid Echoes создава чисти, минималистички и безвременски форми што ја нагласуваат формата, движењето и материјалот.
Занаетчиската изработка е во центарот на дизајнерскиот процес – од внимателно обликуваните набори, преку конструктивните шевови, до строго одмерените пропорции. Производството се одвива во ограничени серии, а моделите се достапни исклучиво по нарачка, што ја потврдува определбата кон одговорен и одржлив модел на создавање.
Со Vivid Echoes, Мршиќ ја третира модата како културен артефакт – простор за интелектуална рефлексија и трајна вредност, во спротивност со динамиката и прекумерноста што ја карактеризираат современата модна индустрија.
Промоцијата на колекцијата ќе се одржи на 5 март, четврток, со почеток во 18 часот, во концепт-просторот, односно салонот на KARE во Скопје, каде што се изложени и колекциите на дизајнерката.
Photo credits:
Фотографија: А.Т.
Модел: Маги@ ModelsIn
MUA: Елена Арсовска




















