Под слоганот „The Future was Present“ деновиве се одржа официјалната премиера на Скопски моден фестивал, новата забавна манифестација за сите љубители на дизајнот, културата и уметноста. Првото издание започна со ревијална програма која донесе колекции и модни претставувања на десет познати домашни и странски дизајнери.


Честа да ја отвори првата сезона им припадна на сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски. Градината што прави линија од Лувр и Конкорд е инспирација за пролетна прошетка додека мирисот на пролетно ветре, свежо печен багет и многуте столици наредени во паркот ве канат нон-шалантно…новата колекција на КТН го носи името „Тилери“. Ода кон Катарина Медичи, креаторката на оваа градина инспирирана од нејзината родна Фиренца, со бои позајмени од најубавите цвеќиња и материјал налик свилено ткаење коишто ја следат линијата на Парижанката – колекцијата „Тилери“ на КТН создаде вистински имиџ дополнет со практичната тоте торба.


Брендот за ексклузивен италијански накит SIGMA Jewelry изнуди воздишки со новата префинета колекција од злато и дијаманти. Сите дами со истанчен вкус за аксесоари, несомнено ќе се вљубат на прв поглед во раскошните сетови на ланчиња, обетки и прстени, кои му даваат исклучително благородна нота на севкупниот изглед.


Како дебитанти на Скопски моден фестивал се запишаа и три студентки на престижната косовска Akademia Evolucion од Приштина, претставувајќи ги капсулните колекции „Trompe L’oeil”, „Preserved the beauty” и „Kompsotita”.


Заедничкиот настап на македонската дизајнерка Евгенија Зафировска и Теја Јеглиќ од Словенија, направи баланс помеѓу гламурот и одржливата страна на модата. Растенија, архитектура и град што се трансформира, традиционална форма и сосема нов правец, конзерваториум и канцелариски простор- симболично за влијанието на Амазон врз Сиетл e нивната инспирација за колекцијата „INSIDE“, сочинета од безвременски парчиња облека и чанти. Колекцијата ја карактеризираат острите и органските линии, изборот на материјал и рачната изработка.


Познатата грчка дизајнерка со интернационално реноме Стела Папакоста направи „хаос“ со ревијата на брендот STL Studios. Колекцијата „CHAOS 95“ е дефинирана со црвениот елемент и геометриските дезени, препоставувајќи го дизајнот и вниманието на деталите, со акцент на кроењето и еклектична употреба на материјали и наменски изработени ткаенини. Колекцијата е нослива и за мажи и жени подеднакво.


Огромно внимание меѓу присутните гости и на социјалните мрежи предизвика и колекцијата „Сестри“ со потпис на дизајнерката Сара Реџиќ, чија желба е да го спои и она што навидум е неспоиво. Нејзиниот бренд Sari Gi десет години создава уникатни и необични креации, обединувајќи ги традиционалното и модерното во исто време. Употребува рачно изработени парчиња и на тој начин ги спасува од заборав.


Спортскиот бренд Superstacy доаѓа од Турција, има свое македонско претставништво и е најпродаван на нашиот пазар, во споредба со другите држави. Главниот мотив за постоење на брендот е безрезервна поддршка на жените кон остварување на своите цели, како и одржување на здравиот ум, дух и тело. Колекцијата „Break the rules” на брендот Superstacy е инспирирана од визијата за модерна жена која е решена да ги промени своите секојдневни навики со цел да ја запознае подобрата верзија од себе.


Кралицата на модните изненадувања Стефанија Насеска прослави десет години од првата ревија на истоимениот бренд, со перформанс за колекцијата „The Great“ на Скопски моден фестивал. Претставува стилски восхит кон ликот и приказ на космополитски залагања и погледи на Големиот Александар кон светот, а поради јубилејната десетка во оваа колекција има елементи од секоја претходна.


Албанската дизајнерка Катерина Зото, пак, на сцената ја оживеа имагинацијата за љубовна двојка која го танцува својот валцер на среќата во сала полна со свеќи. „Grandma touch“ е називот на колекцијата од десет изгледи со артистичка нота, кои ќе направат жените да се чувствуваат посебно и сакано.


Ревијалнот дел на првата сезона го затвори гламурозната ревија на Емили Пишева Гоџирова, односно македонскиот бренд за висока мода Emili Exclusive Design. Елегантните и уникатни креации ја слават брилијантната женственост, нагласувајќи ја убавината и силуетата на жените. Сите вечерни тоалети се изработени од првокласни материјали и со големо внимание посветено на секој еден детал.


Вториот дел од програмата на Скопски моден фестивал е тринеделниот изложбено-продажен салон на приземјето во трговскиот центар, каде што можат да се погледнат и купат креациите на мнозинството учесници, на кои им се придружија дизајнерките Моника Димова и Мирјана Јосифоска, како и брендовите Minnimal, La Dama и MNML by Nana. Oд почетокот на оваа седмица па сè до 27 март, шоурумот на Скопски моден фестивал ќе биде отворен за сите посетители на трговскиот центар.
Главен партнер и покровител на Скопски моден фестивал е Скопје Сити Мол. Фотографиите од сите ревии се дело на Зоран Стојановски – Зонде.

You may also like

Comments are closed.