Првата сезона на Скопскиот моден фестивал, под слоганот The Future was Present, започна вечерва во Скопје Сити Мол и ќе трае до 27 март. Најавено е учество на реномирани дизајнери и брендови од земјата и странство, заедно со истакнати уметници и музичари како специјални гости во програмата.
Првиот викенд од март е резервиран за модни ревии и шоуа кои ќе се одржуваат од 19 до 22 часот, на првиот кат од Скопје Сити Мол. Од 07.03 (понеделник), во 19 часот , свечено ќе се отвори и тринеделниот изложбено-продажен салон во трговскиот центар, каде ексклузивно ќе можат да се погледнат и купат креациите на мнозинството фестивалски учесници.
Познати имиња како Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, Емили Пишева Гоџирова, Моника Димова, Сара Реџиќ и Мирјана Јосифоска, односно брендовите KTN, Minnimal, Bella, Superstacy, La Dama, Minimal by Nana и SIGMA Jewelry ќе се запишат како првите учесници на Скопски моден фестивал, заедно со странските гости: STL Studios (Грција), Teja Jeglich (Словенија), Katerina Zoto (Албанија) и престижната школа Akademia Evolucion (Косово).
Специјално претставување во рамки на манифестацијата ќе имаат и уметниците Бојан Ковски и Методија Јованов – Excellent Kitsch, додека премиерните чекори на модната писта ќе ги направи и сосема нова генерација на модели од сите домашни агенции.
„Скопје Сити Мол, како главен партнер и покровител на Скопски моден фестивал, ја споделува визијата на организаторите за нова, поинаква и пред сè успешна модна приказна во метрополата. Скопје Сити Мол е единствениот трговски центар, не само во државата, туку и во регионот, што во моментот ги отвора вратите и дава максимална поддршка на сите припадници на независната креативна сцена, нудејќи им простор и цел спектар на можности да ги промовираат своите дела пред нашите посетители и пошироката публика.“ – истакнуваат од менаџментот на SCM./М.М.

You may also like

Comments are closed.