Мода вестиМоден мозаик

Од 27 до 29 март – 32-то издание на Fashion Weekend Skopje

Годинешното, 32-то издание на Fashion Weekend Skopje, што од 27 до 29 март ќе се реализира на просторот на „Дајмонд мол“, донесува бројни модни ревии на домашни и странски дизајнери, изложби, презентации и тематски дискусии посветени на современите текови во модата.

На модните ревии ќе бидат претставени колекциите „Origo“ на Роберт Ивановски, „Вртлог“ на Terziya, „Season IV“ на GEORGIYA, како и „Dissonance“ на Марија Станојовска и „Marah Garden“ на Маригона Рахмани.

Во програмата се вклучени и студентски ревии на Европскиот универзитет и на насоката за моден дизајн при Факултетот за уметност и дизајн на Меѓународниот Балкански Универзитет. Меѓу учесниците ќе бидат претставени и студенти од Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, меѓу кои Рејхана Винца, Мирадије Селими и Дорунтина Каштанјева. Завршната ревија на програмата ќе ја има дизајнерката Олгица Ѓоргиева.

Во програмата се и презентација и ревијален приказ на модни и накит дизајнери од Кина, реализирани со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина во Северна Македонија. Преку нивните креации публиката ќе има можност да види спој на традиционални и современи естетики, додека дискусијата што ќе ја следи ќе ја отвори темата за модата како дел од националниот идентитет и културното наследство.

Изложбата „3D и AI во модата“, организирана во рамки на европската иницијатива Green DigiFashTech Manager, проект финансиран од Европската Унија, ќе ги претстави современите практики на пресекот меѓу модата, тридимензионалната технологија и вештачката интелигенција, со фокус на новата генерација дигитални креативци. Во рамки на изложбата ќе бидат претставени дела и проекти на Никола Ефтимов, Ангела Доневска, Емилија Славкова, Александра Филипова, BlackBello, Цветанка Гаревска Јаневска, Lirka и Bastet Noir.

Како резултат на традиционалната соработка со Академијата за графички дизајн при Семос Едукација, седумнаесет студенти и алумни, под менторство на Бојан Буџаровски и Ерина Богоева, изработија повеќе креативни решенија за насловната тема на FWSK32, користејќи вештачка интелигенција и дигитални алатки. Официјалната насловна визуелизација за ова издание е дело на Едита Зекировиќ, а сите решенија ќе бидат изложени во рамки на курирана фотоизложба за време на настанот.

Fashion Weekend Skopje е и домаќин на меѓународниот проект „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичката приказна“, во чии рамки ќе биде одржана дизајнерска резиденција на која ќе учествуваат десет дизајнери од нордиско-балтичкиот регион и од Северна Македонија. Резиденцијата ќе резултира со капсулна колекција и уметнички објекти што ќе бидат претставени во рамки на програмата на Моден Викенд Скопје.

Во рамки на настанот ќе се одржи и донаторска вечер организирана од Ротари клуб Скопје Центар, со цел да се обезбедат средства за печатено издание на книгата „Облеката и модата, од историјата до денес“ од авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ. Книгата веќе постои како електронско издание, а печатената верзија има за цел да стане траен документ за развојот на облекувањето и модата во светот и во Македонија.

Генерален партнер на настанот е УНИБанка, а главна локација на програмата е „Дајмонд мол“, во просторот Area Space на вториот кат. Меѓу партнерите на настанот се Wolt како официјален партнер за конекции, Perwoll, Pierre Cardin во соработка со СУГС „Димитар Влахов“ како партнер за шминка, како и Green Land Group, Gemak, Neonflex.mk, TRN.mk, Caffe Musetti, Пелистерка, Венеција мебел Прилеп и Аманти паста.

You may also like

Comments are closed.