Како би се опишале себе си, поривот за создавање, она што ве насочило кон успехот?
Иако многупати на шега сум кажал дека модата како професија ме одбра мене, денес сеуште стојам позади таа изрека, вели Мите, дизајнер. Отсегогаш знаев дека сакам да се занимавам со мода, уште од мал скицирав, се воодушевував на познати светски модни дизајнери, растев гледајќи модни ревии и колекции, а денес го живеам својот сон. Работам како дизајнер на мојот бренд веќе 5 години, со осум реализирани колекции позади мене, успешна работа со клиенти, прекрасни соработки и со исчекување на уште повеќе успешни години пред мене. Иако модата како професија, воопшто не е едноставна, веројатно упорноста, желбата и љубовта кон тоа што го работам, ми ја дава силата и инспирацијата да го работам ова. Јас сум човек создаден за да создава, друго не би можел ни да замислам да работам…

Каде го стекнавте Вашето образование / едукации, каде првите креативни искуства?
– Моето стручно образование го стекнав како стипендист на Универзитетот ФОН, односно на факултетот за Дизајн и мултимедија. Првите креативни (професионални) искуства, ги имав уште во студентските денови. Ја имав таа среќа да учам од вистински професионалци, кои ни помогнаа да изградиме искуства во светот на модата, без разлика дали тоа биле групни ревии, изложби, соработки со познати личности, а исто така многупати сум работел и како асистент костимограф, во државата и во странство.

Како би го опишале вашиот стил?
– Предизвикувачки… Со создавање на секоја нова колекција, сакам да експериментирам, во форма, во крој, во бои, учам нешто ново со секое создадено ново парче. Иако можам слободно да кажам, дека моите креации се впечатливи, со доза на провокација и сексапил, сепак секоја колекција, секој модел, сам по себе си е посебна приказна, приказна која што ја раскажувам преку креација.

Која е водечката инспирација за создавањето?
Секогаш е различно – за секоја нова колекција наоѓам инспирација во нови работи. А инспирација има насекаде, за тој што сака и се труди. Како дизајнер се трудам да оставам дел од мене во тоа што го креирам и секогаш се раководам од нешто внатре, што го носам во себе. За мене, секоја нова колекција претставува нова авантура, ново доживување, нова приказна за раскажување, затоа што сметам дека модата за мене е најдоброто средство за комуникација.Што би издвоиле како највпечатлив личен успех во создавањето?
– Ги има доста… почнувајќи од запознавање и соработка со прекрасни луѓе, со кои до ден денес сум пријател и соработуваме, до задоволни клиенти, до успешно реализирани проекти и колекции. Како најдраг успех на професионален план, е дефинитивно колекцијата “DEDICATED” која беше посветена на мојата мајка.

Дали може да се живее од професијата дизајнер и колку луѓето знаат и купуваат дизајнерски парчиња?
– Иако 2020-та година, е година тешка за сите, можам да кажам слободно дека како дизајнер и професионалец во тоа што го работам, сум задоволен. Пред неколку месеци ја презентирав колекцијата “DUNES”, со која добив одлични позитивни критики. Не земајќи ја во предвид последната година, затоа што се случи стагнација на глобално ниво, сепак може да се живее од професијата дизајнер…луѓето знаат да препознаат уникатност и квалитет и сум навистина среќен што имам целосна доверба и поддршка од клиенти, во тоа што го работам.

Може ли да ни кажете нешто за идните планови?
– Уф…планови за во иднина има многу. Најавени се неколку проекти на кои со нетрпение чекам да работам. Еден од тие планови, кој се очекува за во блиска иднина, е презентација на нова колекција од ZANOV, наменета за сезона есен-зима.

You may also like

Comments are closed.