Под мотото „Вортекс импресии“, студентите од Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе ја претстават својата 20. студентска модна ревија, инспирирана од енергијата на современиот свет, уметничките импресии и новите технологии.
Јубилејното издание на традиционалната студентска ревија годинава ја носи темата „Вортекс импресии“, концепт кој го истражува вртлогот како симбол на силна енергија, креативност и постојано движење. Преку модни решенија создадени од студентите, ревијата ќе понуди визуелна интерпретација на современото општество, во кое луѓето секојдневно се соочуваат со огромен број информации, дразби и емоции.
Авторите на колекциите преку своите креации ќе ја претстават потрагата по хармонија во свет исполнет со хаос, трансформирајќи ги личните впечатоци и искуства во моден израз.
Дополнителна инспирација за овогодишната тема претставува и одбележувањето на еден век од смртта на францускиот сликар Клод Моне, еден од најзначајните претставници на импресионизмот. Организаторите посочуваат дека приказната на импресионизмот не завршува со неговото творештво, туку продолжува низ нови форми на креативно изразување, во чекор со современите технологии и современите уметнички практики.
Јубилејната 20. студентска ревија на Технолошко-металуршкиот факултет ќе биде можност младите дизајнери да ги претстават своите идеи, визии и креативни интерпретации пред јавноста, продолжувајќи ја традицијата на еден од најпрепознатливите студентски модни настани во земјава./M.M.




















