Заврши 25-то издание на Моден Викенд Скопје, едно од најголемите модни случувања во земјава. Мотото на четиридневниот настан, што се одржуваше во Градскиот парк, во Скопје, беше: „Discover Who’s Next Graduation Show“.

Модниот Викенд започна со дебата на темата „Вработување на младите во модната индустрија“ и
тркалезна маса за придонесот на македонските дизајнери во општеството и во младинското претприемништво.

Судентите од ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје со нивната колекција „Разбој во развој“ беа првите кои се претставија со модна ревија. Колекцијата е осмислена да можат во неа да се пронајдат разни генерации, секој да ја протолкува на свој начин, притоа не заборавајќи на разбојот. Дека нешто што може да се аплицира во денешнината, може да трае и трае и да продолжи да живее низ вековите во разни форми, облици и модни димензии.


Под менторство на професорката Сања Ристески, дипломците од Технолошко-техничкиот факултет при УГД „Гоце Делчев“ од Штип, се претставија со модели инспирирани од текстилниот отпад. Ова атипично претставување ја прикажа нивната идеја и инспирација за една колекција која покрај естетската димензија нуди една поинаква перцепција. Тука веќе се поставува прашањето дали сакаме да останеме запаметени како луѓе кои живееле во ерата на отпадот и ништо не направиле тоа да се смени.

На модното шоу на студентите од Американскиот Универзитет на Европа – ФОН, од факултетот за дизајн и мултимедија, а под менторство на професорката Емилија Славкова, студентите понудија колекција на различни приказни и творци.

Во рамките на настанот, првите чекори на домашната сцена ги направи и модната дизајнерка Шќипоње Абудили од Интернационалниот институт за мода Изет Цури, дебитирајќи со дипломската колекција инспирирана од јапонското кимоно.

Студентите од Европскиот Универзитет Скопје, од Факултетот за арт и дизајн се претставија со селекција на креации од осум студенти од насоката моден дизајн. Деконструкција, одржливост, рециклирање и поп-арт се само дел од темите кои влијаеле врз инспирацијата на студентите. Менторите се проф. д-р Јана Манев Чупоска и Проф. м-р Маја Ѓуреска.

Алумни студентките од Академијата за моден дизајн на Школата за дизајн, уметност и технологија „Скала“, од Џолев и уметностите се претставија со своите последни модни изработки во различни стилови, инспирации и избор на материјали.
Прекрасните полиња со лаванда во Тиквешкиот регион беа главна инспирација за „Lavender Fields“, колекцијата на шапки и модни додатоци на Мирјана Јосифовска.
Сара Величковска ни се претстави со колекцијата „Хемофобија“, за која, како што вели таа самата, всушност е поттикната од стравовите и нивните манифестации и причини врз поединците кои сепак наоѓаат начин како да се прилагодат.
Колекцијата „Опиум“ на Верица Накова ни даде нешто несекојдневно. Нешто помеѓу сонот и реалноста. Нешто мистично, нешто зависно. Да, зависност од убавина!
Катерина Тошева со нејзината колекција „Ноќни лисја“ ни го претстави раѓањето на нешто ново, нешто поинакво, нешто забрането.

Честа да го затворат годинешново издание на Моден Викенд Скопје, им припадна на студентите од ТМФ при УКИМ, од институт за дизајн и инженеринг на облека. Шоуто насловено како „Метаверзум или универзум“ всушност беше перформанс, преку кој беше пренесена навистина моќна порака. Идејата за метаверзумот дефинитивно ќе еволуира, ќе се менува, но останува прашањето дали ние воопшто тоа го сакаме или сета таа „фама“ ни е наметната? Професорката и менторка Лидија Георгиева поставила навистина „скромно“ прашање, кое неочекувајќи ги „телепортирало“ студентите во еден нов универзум во размислување за овој нов виртуелен тренд.

Пријател за нега и убавина беше француската медицинска козметика Uriage, а, пак, официјална обувка на настанот беше брендот Carnival.
За фризурата се погрижија Revlon Professional, K18 додека пак, за шминката тука беа Farmasi, заедно со Школата за убавина „Арт“.
Фотографии: Јордан Ѓорески, Миладин Паповиќ

 

You may also like

Comments are closed.