Димитар Бабков

Зборувајќи за своите почетоци и поривот за создавање Димитар Бабков вели: Од кога знаам за себе, сѐ што најмногу ми привлекувало внимание е поврзано со мода и креирање. Иако кога растев не знаев што точно сакам да работам, сега сум сигурен дека е тоа да создавам, да креирам соништа и да ги експресирам емоциите. Тоа е и работата на еден моден дизајнер. Инаку, по првата година од студиите, кога веќе ја искусив модата, се осигурав дека тоа е нешто без што не би можел да живеам.

 М.М: Каде го стекнавте Вашето образование / едукации, каде првите креативни искуства ?

Модното образование го стекнав на Факултетот за Дизајн и мултимедија при Универзитетот ФОН. Имав среќа знаењата од областа на модниот дизајн да ги здобијам од учители кои бескрајно ме инспирираат, Елена Вангеловска и Александар Ношпал. По дипломирањето, сеткнав различни искуства низ проекти од модниот дизајн, костимографијата, низ соработки со квалитетни македонски дизајнери и низ неколку годишното работно искуство во модна куќа.

Креации на Димитар Бабков

М.М: Како би го опишале вашиот стил?

Мојот стил би го опишал како златна средина од оска помеѓу гротеск и романтизам. Пореметување на основните човечки вредности е главниот акцент и порака на брендот SON OF SALOME. Најкарактеристично за мојата работа е прикажувањето на човечката внатрешност и емоциите низ апстрактни форми и со помош на црвената, црната и белата боја.

М.М: Која е водечката инспирација за создавањето ( за темите, формите, името, изборот)?

Општествените проблеми и делата од симболизмот ми претставуваат инспирација уште за време на студиите. Низ дипломската работа за прв пат се сретнав со драмата Саломе на Оскар Вајлд. Бев фасциниран од симболично претставените човечки вредности. И после три реализирани колекции, “Танцот на седумте превези”, “Осмиот вел” и “Деветтиот круг”, сеуште истражувам на оваа тема. Но, во секоја колекција има различен сегмент или емоција на која се фокусирам.

М.М: Што би издвоиле како највпечатлив личен успех во создавањето?

Реализацијата на мојот бренд SON OF SALOME ми претставува најголемо задоволство. Исто така, можам да го издвојам искуството како еден од финалистите на регионалниот натпревар за млади дизајнери Noizz Fashion Awards 2017, кој беше во склоп на Fashion Week Belgrade.

М.М: Дали може да се живее од професијата дизајнер?

Се разбира. За секој успех е потребно многу посветеност, работа и љубов.

М.М:  Може ли да ни кажете нешто за идните планови?

Периодов сум сосредоточен кон развој на SON OF SALOME. / М.М.

Креација на Димитар Бабков

Креација на Димитар Бабков

You may also like

Comments are closed.