Bitchat функционира кога класичната комуникациска инфраструктура е недостапна, со што станува алтернатива на доминантните апликации за размена на пораки.
Во време кога дигиталната комуникација речиси целосно зависи од интернет и мобилни мрежи, поранешниот извршен директор на Twitter, Jack Dorsey, претстави нова апликација која нуди радикално поинаков пристап кон размената на пораки. Станува збор за Bitchat – децентрализирана платформа за пораки што функционира и без интернет конекција или мобилен сигнал.
Апликацијата моментално е достапна во бета-верзија преку Apple TestFlight и користи Bluetooth mesh технологија за воспоставување директна комуникација меѓу уредите во близина. Пораките се пренесуваат од телефон до телефон, без потреба од централизирани сервери. Затоа апликацијата не бара телефонски број, електронска пошта или креирање кориснички профил, а податоците се чуваат локално на уредите и се шифрирани.
За проширување на дометот, системот користи т.н. „bridge“ уреди и принцип на складирање и понатамошно препраќање на пораките, што овозможува комуникација и кога примачот не е веднаш достапен во мрежата. Според најавите, технологијата е наменета за ситуации со прекин на комуникациската инфраструктура, масовни настани или патувања во оддалечени области, како алтернатива на класичните апликации за пораки.
Појавата на апликации како Bitchat не третставува обид да се замени секојдневната дигитална комуникација, туку како сигнал дека зависноста од интернет и централизираните мрежи станува сериозен структурен ризик. Во свет во кој онлајн поврзаноста се подразбира, секој прекин – било да е технички, политички или безбедносен – веднаш ја разоткрива кревкоста на системот.
Технолошки гледано, Bluetooth mesh комуникацијата не е новост. Но нејзиното спуштање на ниво на масовен корисник, преку едноставна апликација за паметен телефон, е суштински поместување на фокусот: од удобност кон отпорност. Ваквите решенија не нудат брзина, ниту комфор, туку автономија.
Во тој контекст, Bitchat е повеќе општествен отколку технолошки проект. Отвора дебатата за тоа кој ја контролира комуникацијата, каде се чуваат податоците и што се случува кога инфраструктурата ќе откаже. Апликацијата не е наменета за секого, ниту има потенцијал да стане масовна платформа, но токму во тоа е нејзината вредност.
За новинари, активисти, луѓе во кризни подрачја или ситуации на информативна блокада, ваквите алтернативи не се луксуз, туку нужност. Во поширока смисла, тие служат како потсетник дека дигиталната слобода не е прашање на апликација, туку на архитектура. И дека вистинската иновација понекогаш не е во тоа да се биде побрз, туку да се биде независен./M.M.




















