Убавина вестиКозметикаУбавина и здравје

Козметичка акупунктура – нов омилен третман за убавина во Њујорк

Во град со стотици видови естетски процедури, старата техника од традиционалната кинеска медицина станува тренд и природна алтернатива на ботоксот и филерите – „Големото јаболко“ е и дом на некои од најистакнатите практичари на козметичката акупунктура во САД.

Акупунктурата, како метод од традиционалната кинеска медицина, повторно е во фокусот на современата индустрија за убавина во градот на светлината – Њујорк. Паралелно со се побројните разговори за екстремизмите на естетските интервенции и на козметичката хирургија, сè поголемо внимание привлекуваат таканаречените „notox“ третмани – природни процедури кои ветуваат подмладување без инјекции и без инвазивни интервенции. Поради сето, акупунктурата на лицето се наметнува како еден од најпопуларните третмани во козметичките центри и велнес-салоните во Њујорк.

Парадоксално, токму во град кој нуди стотици различни начини за борба со знаците на стареење, интересот се насочува кон техника стара илјадници години. Иако на прв поглед може да изгледа како непријатна процедура, практичарите нагласуваат дека третманот е речиси безболен. Во бројни спа-центри и козметички клиники во Њујорк, акупунктурата на лицето се користи не само за подобрување на изгледот на кожата, туку и како метод што придонесува за длабока релаксација и психофизичка рамнотежа.

Козметичката акупунктура (подмладување на лицето) е природен, неинвазивен и холистички третман кој користи 30-50 ултратенки игли на лицето, вратот и телото за да ги намали фините линии, брчките и опуштеноста. Делува така што го стимулира производството на колаген, го зголемува еластинот, ја подобрува циркулацијата на крвта и ги опушта мускулите на лицето. Резултатите обично се појавуваат во рок од 3-6 недели.

Третманите обично траат до два часа, а клиентите по процедурата забележуваат помалку изразени брчки, намалено воспаление на кожата и посветол тен. Експертите посочуваат дека, како и кај многу други естетски третмани, најдобри резултати се постигнуваат со повторени сесии, односно редовни месечни посети, со цел долгорочно одржување на здравјето и изгледот на кожата.

Растечката популарност на козметичката акупунктура укажува на поширок тренд во индустријата за убавина – враќање кон природни и холистички методи за нега, во кои здравјето и естетиката се третираат како неделива целина./M.M.

 

You may also like

Comments are closed.