Берберинот не е „Оземпик“, иако на социјалните мрежи (особено на TikTok) најчесто токму така се нарекува. Ова соединение е активен растителен алкалоид со илјадници години историја во традиционалната кинеска и ајурведска медицина, а денес е во центарот на научното внимание поради неговите реални ефекти врз метаболизмот.
Додека светот е во постојана потрага по следното ‘чудо’ за слабеење и совршено здравје, науката реши да погледне наназад — во древните ризници на природата. Берберинот, моќно природно соединение кое со векови се користи во традиционалната медицина, денес ја доживува својата нова младост…
Берберинот, природно соединение кое се наоѓа во коренот, кората и стеблата на повеќе растенија, особено во жолтиката, со векови бил дел од традиционалната кинеска и ајурведска медицина. Во минатото се користел за третман на инфекции и воспалителни состојби, а денес е предмет на бројни научни истражувања кои ги испитуваат неговите потенцијални здравствени придобивки.
Современите студии покажуваат дека берберинот влијае врз повеќе процеси во организмот, поради што често се опишува како една од најперспективните природни супстанции за поддршка на метаболичкото здравје. Особено внимание привлекува неговата способност да придонесе за регулирање на нивото на шеќер во крвта и на подобрување на чувствителноста на организмот на инсулин.
Истражувањата укажуваат и на позитивни ефекти врз нивото на холестерол и на триглицеридите, како и врз здравјето на срцето и на крвните садови. Дополнително, берберинот се проучува поради неговото антибактериско дејство и потенцијалната улога во одржувањето на рамнотежата на цревната микрофлора.
Иако за сега не претставува замена за медицинска терапија, берберинот денес се смета за пример како традиционалните медицински знаења можат да добијат нова потврда преку современата наука, поврзувајќи илјадници години искуство со најновите научни сознанија./M.M.




















