Она што започна како уште еден гламурозен настан, годинешната Мет Гала (Met Gala), деновиве се претвора во најголем социјален протест во модерната дигитална историја. Под слоганот „Blockout 2026“ (познат и како „Celebrity Guillotine“), милиони корисници на социјалните мрежи масовно ги блокираат и отпратуваат најголемите светски ѕвезди. Јавноста е решена сурово да ја казни холивудската елита поради демонстрација на екстремно богатство во денови на глобална економска криза.
Капка која ја прелеа чашата: Цени од 100.000 долари и „Случајот Безос“
Гневот на јавноста ескалираше по информациите за цените на влезниците за Мет Галата од 100.000 долари по личност, додека цената за корпоративна маса достигна 350.000 долари. Масло на огнот додаде и одлуката на организаторката Ана Винтур за почесен копретседавач на манифестацијата да го именува милијардерот и основач на „Амазон“, Џеф Безос.
Уште тогаш пред Музејот на уметноста Метрополитен во Њујорк уличните активисти маршираа со транспаренти „Бојкот за Мет Галата на Безос“, а на социјалните мрежи започна масовна координација за дигитална казна. Корисниците споделуваа прецизни листи на познати личности за блокирање, со порака: „Ако немаат емпатија за обичниот човек, нема да ги финансираме со нашите прегледи“.
Милионски загуби на мрежите: Кој помина најлошо?
Според најновите аналитички податоци од крајот на мај, ефектите од дигиталниот бојкот се поразителни за А-листата на славните:
Ким Кардашијан: Изгуби над 2 милиони следбеници за само неколку дена, откако во видео зад кулисите се жалеше колку биле „напорни“ подготовките за нејзиниот фустан. Тејлор Свифт: Иако не се појави на настанот, таа стана примарна мета. Нејзините профили бележат пад од стотици илјади фанови бидејќи пејачката упорно одбива да го искористи својот глас и да проговори за економските проблеми на граѓаните.
Кајли Џенер и Зендаја: Џенер изгуби преку милион следбеници поради луксузните објави, додека Зендаја, долгогодишната миленичка на интернетот, се соочува со сериозни критики и падови на ТикТок, бидејќи како домаќин застана зад овој елитистички настан.
ПР фијаско: Изговори кои никој не ги „купува„
Обидите на ѕвездите да се оправдаат пред јавноста доживееа целосен колапс. Многумина се бранеа со аргументот дека Мет Гала е хуманитарен настан со кој се финансира Институтот. Други, пак, тврдеа: „Ние не плативме ништо, таму бевме само како модели ангажирани од модните куќи“. Сепак, јавноста секое вакво оправдување го оцени како дволично и целосно одвоено од реалноста, додека тимот на Џеф Безос избра тактика на целосен молк, што е оценето како потценување и дополнително го зголеми револтот.
Удар врз профитот на модните гиганти
Дигиталната гилотина не ги погоди само суетите на познатите, туку удри и по џебот на големите модни конгломерати. Брендовите како Prada, Versace, Balenciaga и Schiaparelli, кои потрошија милиони за да ги закупат масите и да ги облечат ѕвездите, наместо традиционалниот скок на продажбата, се соочуваат со маркетиншко-деловен кошмар.
Поради лавината од негативни коментари, овие модни куќи во последните денови од мај беа принудени масовно да ја исклучуваат опцијата за коментирање на нивните официјални профили. Бидејќи падот на следбениците кај влијателните модни икони ја урива нивната пазарна вредност за рекламирање, маркетинг агенциите веќе им советуваат на брендовите да ги прекинат договорите со мега-ѕвездите и да се свртат кон помали, еколошки свесни инфлуенсери. Во модните кулоари во Париз и Милано веќе се шпекулира дека претстојните есенски недели на модата ќе мора драматично да ги скратат буџетите и да прикажат поскромни, интимни ревии фокусирани на занаетчиството, наместо на агресивното прикажување на луксузот.
Фокусот на скандалот „Blockout 2026“ од креациите се префрли на црвениот тепих кон сериозни правни битки, судски тужби и институционални истраги кои се покренати последните денови. Бунтот против елитизмот отвори три клучни судски процеси на меѓународно ниво:
Колективни тужби против „Амазон“ за кршење на човековите права
Главен катализатор на правните процеси стана донацијата од 10 милиони долари што Џеф Безос ја даде за Мет Галата. Активистите од групата Everyone Hates Elon и синдикатите на работниците го искористија моментот за да ги актуелизираат колективните судски тужби во Колорадо и Њујорк. Имено, возачите на „Амазон“ поднесоа тужба во која тврдат дека поради бруталните временски распореди и одземањето на паузите, биле принудени да уринираат во пластични шишиња за време на работа. За време на Мет Галата, стотици вакви шишиња беа скриени низ музејот како протест, а адвокатите на работниците сега бараат милионски отштети на суд.
Федерални истраги против L’Oréal за илегален детски труд
Паралелно со Мет Гала, кон крајот на мај започна и правна офанзива против козметичкиот гигант кој спонзорира многу од присутните ѕвезди. Меѓународни правни организации поднесоа официјални пријави до европските регулатори за илегална експлоатација на деца (на возраст од 10 години) на плантажите за јасмин во Египет, кој се користи во нивните најскапи луксузни парфеми.
Прашањето за даночно затајување во американскиот Сенат
Политичкиот и правниот притисок се пресели и во американскиот конгрес. Сенаторката Елизабет Ворен покрена официјална дебата за законите за оданочување на милијардерите. Правниот спор кој се отвора пред институциите се однесува на тоа како американските супер-богаташи користат „филантропски донации“ (како онаа за Метрополитен музејот) за да добијат огромни даночни олеснувања, додека истовремено нивните компании плаќаат минимални даноци.
Со сите спомнати настани Мет Гала од модна забава, прерасна во почетна точка за сериозни правни битки кои ги тресат најмоќните луѓе во светот.
Фото: The Metropolitan Museum of Art, Instagram



















