Македонската пејачка Бојана Скендеровски ја претстави својата нова песна „Оди си“, музичка приказна со модерен звук, силен ритам и препознатлива емоција, која доаѓа во период кога нејзината концертна турнеја привлекува сѐ поголема публика низ земјата.
По настапите во повеќе македонски градови и неодамнешниот концерт во Тетово, Скендеровски пред публиката го претстави својот најнов музички проект. Станува збор за композиција создадена од авторскиот тандем Александар Тарабунов и Димитар Андоновски, при што Тарабунов ги потпишува музиката и текстот, а Андоновски аранжманот.
Според Скендеровски, „Оди си“ е песна што во целост го отсликува нејзиниот темперамент и сценска енергија. „Можеби низ годините публиката ме препознаваше повеќе преку баладите, но „Оди си“ е песна што навистина многу личи на мене. Има темперамент, има движење, има енергија“, изјави пејачката.
Видеоспотот за песната е снимен во Тирана во продукција на „Скендеровски продукција“, а проектот носи современ музички израз надополнет со препознатлив балкански сензибилитет.
Скендеровски посочува дека станува збор за песна која зборува за сила, став и емоција и која, како што вели, има потенцијал да ја пронајде својата публика преку искреноста и енергијата што ја носи.
Новиот сингл доаѓа како природно продолжение на концертната атмосфера што пејачката ја создава на својата турнеја и е замислен како песна што лесно ќе стане дел од репертоарот што публиката ќе го пее заедно со неа на идните настапи.
Слушнете ја „Оди си“:




















