Oд 21 до 30 март годинава Скопје ќе биде домаќин на меѓународната резиденцијална програма „Green and Sustainable Fashion – The Nordic-Baltic Story“, во јавноста препознаена како „Зелена и одржлива мода – Нордиско-Балтичката приказна“. Програмата, во чиј фокус е одржливоста е наменета за македонските дизајнери на мода, текстил и аксесоари, а се однесува на младите и афирмираните автори кои работат или сакаат да развиваат циркуларен дизајн, иновативни и еколошки материјали и етички производствени практики.
Проектот е финансиран од Nordic Council of Ministers и се реализира во партнерство со Fashion Weekend Skopje, Македонското модно здружение и амбасадите на нордиските и балтичките земји во Скопје. Програмата беше претставена и во рамките на 31. издание на Fashion Weekend Skopje, каде што преку панел-дискусија беа образложени целите и концептот на иницијативата.
Резиденцијата предвидува интензивна десетдневна програма што вклучува работилници, менторства, креативни сесии и теренска работа, со акцент на размена на знаења меѓу македонски дизајнери и учесници од нордиско-балтичкиот регион. Посебен фокус е ставен на интерпретација на традиционалните техники и културното наследство преку современ, одржлив пристап. Очекувањата се дека работниот процес ќе резултира со концепти, прототипи или идејни решенија што можат да прераснат во колекции или јавни презентации.
Македонските и нордиско-балтички дизајнери се веќе вклучени во обуката со Bergstran Consultancy, истражувајќи како еко-пријателскиот дизајн, одржливи материјали и етички производствени процеси ја обликуваат иднината на модата.
Резиденцијата претставува значаен моден настан бидејќи отвора платформа за нови авторски пристапи и ја позиционира одржливата мода како централна тема на регионалната сцена./M.M.




















