Научниците од Универзитетот во Манчестер развија материјал сличен на бетон кој може да се направи со вонземска прашина и да се користи за изградба на колонии на Месечината и на Марс.

Kонцептуалниот градежен материјал nаречен StarCrete, ќе биде правен од лунарен или марсовски реголит и врзан со сол и скроб од компир добиени од храната на астронаутите.

Првите прототипови на материјалот се создадени со сол, компиров скроб и со „симулирана прашина од Марс“, која моментално е формирана од вулканска карпа.

Според истражувачите, од оваа комбинација се добива материјал „двојно посилен од обичниот бетон“, што го прави погоден за изградба на објекти што би можеле да се користат за заштита на луѓето во вселената. Научниците посочуваат дека идните објекти ќе треба да се со ѕидови дебели еден метар, како заштита од соларни ветрови, космички зраци и метеорити со големина на грашок кои патуваат побрзо од куршуми.

Kонцептуален градежен материјал сличен на бетон, наречен Sea Stone е направен и од морски школки добиени од отпадот од индустриите за морска храна и аквакултура. Исто така тим научници од Imperial College во Лондон го развија Finite, биоразградливиот градежен материјал направен од пустински песок кој е цврст како бетон, но има само половина јаглероден отпечаток. Во меѓувреме, додека изградбата на објекти на Месечината и на Марс не стане реалност, новосоздадените градежни материјали ќе најдат и овде своја примена./М.М.

You may also like

Comments are closed.