Преку иницијативата Global Engineer Girls (GEG), што ја спроведува Групацијата Лимак, во партнерство со Министерството за образование и наука и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) обезбедени се стипендии за 20 студентки кои студираат на инженерските факултети во нашата држава.

Од 169 студентки који се пријавиле за програмата, изборот е направен врз основа на академски достигнувања на кандидатките и вклученоста во дополнителни активности.Студентките се  од електротехничките, машинските, градежните и факултетите за информатички технологии и секој од одбраните добива стипендија, менторска поддршка, дополнителни обуки за развој на специфични кариерни вештини и знаења, како и можност за практикантска работа.

Првите обуки ќе започнат во мај и  ќе биде можност за учење преку искуство, што на девојките ќе им обезбеди шанса да ја подобрат својата конкурентност на пазарот на труд и да изградат клучни професионални релации.

Главна цел на иницијативата Global Engineer Girls (GEG) е да обезбеди поддршка за девојките и младите жени и да го зголеми нивното учество во СТЕМ-областите (наука, технологија, инженерство и математика), каде што историски доминираат мажите, да го намали родовиот јаз во овие области и да ја зголеми родовата еднаквост во општеството.

Ебру Оздемир, претседателка на Групацијата Лимак и основачка на GEG, на промовирањето на македонските студентки истакна дека по  успехот на проектот во Турција и во Кувајт, иницијативата е проширена и во Северна Македонија и на Косово. Реализацијата на иницијативата GEG во Северна Македонија, според Оздемир е значајназатоа што отвора нови можности за развивање на кариери во СТЕМ-областите и дава поширок придонес кон заложбата за родова еднаквост.

Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во државава, на промоцијата рече дека економското зајакнување на жените и девојките е една од стратешките цели во работата на УНДП и дека во таа насока повеќе години соработува со Министерството за образование и наука и приватниот сектор, во реализација на неколку програми за обезбедување квалификувана работна сила, како и преквалификација и доквалификација на невработените лица, особено на младите. Партнерство со МОН, GEG иницијативата и Групацијата Лимак, според Григорјан е од особено значење, преку кое ќе се поддржат студентките запишани на СТЕМ факултетите, како нова движечка сила на пазарот на трудот.

Во своето пригодно обраќање министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, истакна дека државава е горда што има се повеќе девојки и жени со успешна СТЕМ-кариера и дека тие се инспиративни модели за младите. Впрочем,истакна Шаќири, последниот извештај на УНЕСКО покажува дека нашата држава е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи, додавајќи дека Владата и Министерство за образование и наука со конкретни политики, мерки и инвестиции стимулираат што повеќе девојки и жени да ги одберат СТЕМ областите.

Global Engineer Girls е меѓународна филантропска иницијатива што се реализира од 2015 година во Турција. Поттикната од организациската култура на Групацијата Лимак и личните заложби на претседателката на групацијата Ебру Оздемир за зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ-областите, GEG има за цел да ги инспирира следните генерации жени-инженери./М.М.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.