Од 30 октомври до 1 ноември, на приземјето во Скопје Сити Мол, ќе се одржува Фестивалот на чај, под мотото „Ароматичната моќ на билките“. Единаесеттото издание на Фестивалот го организираат Центарот за истражување и промоција на природата и културата „Експедиција ПРИРОДА“/МРК Дијалог и Скопје Сити Мол.
На фестивалот ќе учествуваат повеќе од 30 билкари, чајни мајстори, производители на чајни тинктури и други производители од земјава и од странство. Посетителите ќе можат да дегустираат различни видови чај и да се запознаат со производи од билки, природна козметика, мед и други природни производи.
Програмата опфаќа работилници, панел-дискусии, презентации и уметнички настапи, со содржини посветени на македонското традиционално билкарство, планинските чаеви и размената на меѓународни искуства. Меѓу учесниците се Ботаничката градина, Истражувачкото друштво на студенти биолози и Институтот „Конфуциј“ при УКИМ.
Во петок, на 30 октомври, од 18 часот ќе се одржи „Македонска чајна софра: Допир до сите сетила“, со претставување на македонскиот планински чај од „Моја фарма – Тумчевиште“, настап на виолинистката Пламенка Трајковска и презентација на традиционалниот обичај „Сучење врвки“, карактеристичен за гостиварскиот крај. Од 19 часот е закажана церемонија на чај со кинески инструментален настап и танц во организација на Институтот „Конфуциј“.
Во сабота, на 31 октомври, од 13 часот ќе се одржи „Чајанка“ со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер. Во програмата се вклучени и панел-дискусиите „Шумите како бизнис екосистем“ и „Моќта на билките“, како и детско креативно катче со пчеларска и уметничка работилница „Медена приказна“.
Неделната програма, на 1 ноември, започнува во 12 часот со работилницата „Што јадат пчелите“, а од 13 часот ќе следуваат кинеска дегустација на чај и културни содржини посветени на калиграфијата и традиционалните техники на изработка на хартија.
Во трите фестивалски денови Фестивалот ќе понуди можност за запознавање со различни чајни традиции, природни производи и културни практики.






