Волшебниот чај, според научните сознанија, има повеќе од 300 компоненти, од кои некои имаат многу лековити својства, па затоа често се препорачува како чај кој помага да се спречат низа здравствени проблеми.

Чајот ја зголемува активноста на ензимите и процесите на детоксикација во тенкото црево, црниот дроб и белите дробови и го запира дејството на ензимите кои ги хранат клетките на ракот во организмот. Студиите исто така сугерираат дека е корисно за спречување на губење на когнитивните способности и зајакнување на меморијата.

Некои студии покажаа дека може да биде корисен во спречување на дијабетес тип 2 и намалување на нивото на шеќер во крвта. Секако, не само зелениот чај помага, туку и здравата исхрана и редовното вежбање, но се чини дека чајот помага да се постигнат посакуваните нивоа на шеќер.

Постојат и студии кои сугерираат дека зелениот чај го намалува холестеролот, односно спречува акумулација на ЛДЛ (лошиот холестерол) во вашите артерии, што го намалува ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар.

Кога станува збор за кожата, се верува дека зелениот чај ја подобрува природната отпорност на организмот на УВ зраците. Покрај тоа, има антиинфламаторни својства, што помага во смирување на чувствителната кожа, заштитувајќи ја од понатамошна иритација. Може да се користи и во бањи или за чистење на лицето, бидејќи се покажа дека е ефикасен против акни и разни воспалителни кожни состојби како псоријаза.

Поради високата содржина на полифеноли, се верува дека помага да се спречи расипувањето на забите, а и да се уништат бактериите кои предизвикуваат лош здив, па затоа екстрактот од зелен чај е честа состојка во пастите за заби денес.

Бројни студии ги потврдуваат придобивките од зелениот чај, а постојат и одредени работи што треба да се имаат предвид доколку „волшебниот чај“ сакате да го користите на најдобар можен начин.

Зелениот чај треба да се подготвува со вода загреана на 60-70 ° C. Пијте свежо сварен чај, кој е оставен помеѓу три и пет минути. Добро е и да се промешува, за да се ослободат повеќе катехини, активните состојки на чајот.

Премногу зелен чај не е добар избор – до три шољи се максималната дневна доза. Само затоа што зелениот чај е здрав, не значи и дека може неограничено да се пие. Зелениот чај содржи кофеин, па неговото прекумерно пиење може да предизвика несакани ефекти, како на  пример намалување на апсорпцијата на железо во телото.

Зелениот чај не се пие на празен стомак – најдобро е да го консумирате помеѓу оброците, предупредуваат нутриционистите. Имено, зелениот чај содржи силни антиоксиданти и силни полифеноли кои можат да го зголемат производството на киселина во желудникот и да го нарушат варењето на храната.

Заблуда е дека доколку се пие веднаш по јадење, магично ќе ги избрише внесените калории. Затоа што телото допрва треба да ги вари сите протеини од храната, пиењето зелен чај веднаш по оброкот може само да му наштети на тој процес, па затоа и треба да се одбегнува.

Не земајте лекови со зелен чај. Многу луѓе пијат таблети со утринската чаша зелен чај, што може да биде исклучително штетно, бидејќи хемискиот состав на таблетата може да се меша со оној на зелениот чај.

Не додавајте мед во топол зелен чај, затоа што е многу веројатно дека хранливата вредност на медот ќе биде уништена од високата температура на чајот. Подобро е да се избегнува и додавање млеко, бидејќи студиите покажуваат дека го запира корисниот ефект на катехините од зелениот чај. Пијте го со малку лимон, бидејќи големи количини на чај можат да ја запрат апсорпцијата на железо од овошјето и зеленчукот, а витамин Ц го спречува тоа./M.M.

 

You may also like

Comments are closed.