Култура на живеењеВестиМода вести

Маргот Роби и „Оркански височини“ – контроверзи пред премиерата

Несоодветна поделба на улогите и визуелен пристап инспириран од Џон Галијано ја разбудија дебатата за доследноста на адаптацијата кон романот на Емили Бронте

Уште пред премиерата, новата филмска екранизација на „Оркански височини“ (Wuthering Heights) во режија на Емералд Фенел се соочува со сериозни контроверзи, кои ја отвораат дебатата за односот меѓу книжевната класика и современото филмско читање.

Во главните улоги се појавуваат Маргот Роби и Џејкоб Елорди, како Кетрин Ерншо и Хитклиф, избор што веднаш предизвика реакции кај книжевната и филмската јавност. Имено, првите критики се однесуваат на несоодветноста на актерската поделба со оригиналниот текст на Емили Бронте. Филмската критичарка Кларис Лафри од The Independent јавно се запраша дали некој од креаторите воопшто го прочитал романот, укажувајќи дека Маргот Роби има 34 години, а Кетрин во делото е тинејџерка, додека Хитклиф е опишан како човек со темна кожа, чиј идентитет и маргинализација се суштествен дел од приказната. Според критичарите, изборот на Елорди ја поништува оваа значајна слоевитост на ликот.

Филмската критичарка Маги Бочела од Collider изрази сомнеж дека режисерката го промашила суштественото значење на романот, оценувајќи дека постои ризик „Оркански височини“ да се сведе на уште една визуелно атрактивна, но поедноставена приказна за мачна љубов. На социјалните мрежи, пак, критичарот Гавија Бејкер-Вајтлоу забележа дека ликовите повеќе личат на современи јавни личности отколку на жители на јоркширската пустелија од 19 век.

Љубителите на романот ги загрижува и фактот што „Оркански височини“ не е класична љубовна приказна, туку мрачно и комплексно дело за опсесија, одмазда, класни разлики и насилство. Хитклиф, често романтизиран во популарната култура, е длабоко проблематичен и суров лик, а стравувањата се дека филмот ќе ја замени таа сложеност со естетизирана мелодрама.

Во тој контекст, особено интересен е и визуелниот пристап на филмот, кој веќе се најавува преку јавните појавувања на Маргот Роби. Нејзиниот избор на архивски дизајн од Џон Галијано, креатор познат по драматичниот и наративен пристап кон облеката, дел од јавноста го чита како свесен обид да се наметне готска, театрална атмосфера. Прашањето, сепак, останува дали визуелниот слој, колку и да е впечатлив, ќе може да ја надомести можната содржинска редукција на романот.

Иако дел од публиката со љубопитност ја очекува неконвенционалната интерпретација на Фенел, дебатата е веќе отворена: дали филмот се темели на „Оркански височини“ на Емили Бронте или на негова современа, естетизирана варијанта прилагодена на денешниот ѕвезден систем. Одговорот, очигледно, ќе го даде самото филмско остварување, но контроверзиите јасно покажуваат дека оваа адаптација нема да помине незабележано. Еве ја најавата: https://www.youtube.com/watch?v=ID0rqEWrN44&t=2s

You may also like

Comments are closed.