Марија Сиљаноска Михајлоска

Според формалното образование, Марија Сиљаноска Михајлоска  е магистер по економија, според  преокупациите и кога инструктор и создавач на природна козметика.- За светот во кој се чувствува „своја“ – за духовноста и здравиот начин на живот, а потоа и за ентузијазмот, личната жртва и разбирањето од најблиските без кои немаше да биде создадена „Луна„

ММ: Кажете ни за Вашите почетоци, поривот за создавање, предизвиците, чекорењето напред?

„Луна“ е релативно нова приказна, иако и претходно за лична употреба изработував природна козметика. Идејата тоа да го правам професионално се „роди“ летово, а потоа се се одвиваше некако брзо, па веќе во ноември првите производи беа готови. Но, ова никако не значи дека беше лесно. Веќе на почетокот имаше низа предизвици: од набавка на репроматеријали кои ги нема кај нас, до бирокатија како регистрација на дејноста. Сепак, она што ме водеше напред беше силната волја да создадам нешто во што силно верувам – целосно природни козметички препрати достапни за секого.

Луна – природна козметика

ММ: Каде го стекнавте Вашето образование / едукации, каде првите креативни искуства?

Според формалното образование, јас сум магистер по економија, но и додека студирав знаев дека тоа не е за мене. Можеби е исплатлива професија, но не е креативна и не ме исполнува. Уште како студент започнав да се занимавам со јога, првин како практикант, а потоа и професионално, како инструктор. Преку јогата, инаку моја главна преокупација веќе 16 години, влегов во свет во кој се чувствувам „своја“ – духовноста и здравиот начин на живот. Освен јогиска практика, дел од мојот живот стана и вегетаријанството, а потоа полека интересот ми се прошири и кон природната козметика. Затоа што, нели, не е важно само што внесуваме во нас, туку важно е и што ставаме на нашата кожа, единственото од нас што доаѓа во допир и не штити од надворешниот свет. На почекот ја купував, но првин, ретко се наоѓаше, а второ, беше и за мене прескапа. Па си помислив, зошто да не се обидам и самата!? Така почнав да се интересирам и да учам. Литература и пракса кај нас нема, но затоа ја има во светот, а благодарение на интернетот е достапна за сите.

Луна – природна козметика

ММ: Како би го опишале стилот на она што го работите?

Мотото на „Луна“ е simply natural,  и мислам тоа најдобро го опишува мојот стил – едноставноста и природноста на се што создавам. Од креми за лице, до сапуни. Светот е доволно комплициран, а и ние луѓето како дел од него. Се што ни треба е да се свртиме повеќе кон природата, од која и самите сме дел. Таа е едноставна и чиста, во неа има се што ни е потребно.

Луна – природна козметика

ММ: Која е водечката инспирација за создавањето?

Името „Луна“ дојде поради мојата фасцинираност од мистичноста на месечината. Со безбројните форми и нијанси е вечна инспирација. Кога првите производи беа готови баш на полна месечина, немав веќе дилеми околу името. Секако, важна е и практичноста на производите, со оглед дека станува збор за козметика за секојдневна употреба. Така некако се обидувам да го пронајдам балансот – за она што го создавам да биде истовремено и едноставно и интересно, и креативно и практично.

Луна – природна козметика

ММ: Што би издвоиле како највпечатлив личен успех во создавањето?

Нема поголема сатисфакција за мене од задоволството кај луѓето што ги користат производите. За моја среќа, тие се многубројни, што го сметам за успех. Тоа дава сила и мотив да продолжам и покрај сите потешкотии за фунционирање кај нас, особено сега. во време на пандемија.

ММ: Дали може да се живее од она што го создавате и колку луѓето знаат и ги купуваат вашите производи?

Потребно е многу ентузијазам, лична жртва и разбирање од најблиските за човек кај нас да се занимава со ваква, нетипична работа. Ако се гледа само низ призмата на приходите, ретко кој би се нафатил да ја работи. Мене сега единствено ми е важно „Луна“ да биде дел од козметиката на што е можно повеќе жени, мажи и деца, а за тоа да биде случај, се разбира, внимавам цените да бидат прилагодени на нашиот стандард. Она што ми дава надеж е позитивниот тренд. Гледам дека свесноста за здравиот начин на живеење е поголема од ден на ден. Се повеќе луѓе се откажуваат од лошите навики и се грижат за своето здравје и убавина на природен начин. Посакувам тоа да продолжи, да има што повеќе луѓе што ќе произведуваат и ќе користат природни продукти.

Луна – природна козметика

ММ: Може ли да ни кажете нешто за идните планови?

Планот ми е да не се откажам. Верувам во ова што го правам и верувам дека тоа ќе биде препознаено од доволно луѓе. Секако, ќе продолжам да ги усовршувам производите што сега ги правам, а планирам и ја проширам палетата на производи, кога ќе имам можност за тоа. Волја и идеи имам, но како „Луна“ ќе се развива во голема мера ќе зависи од фидбекот на луѓето. / М.М.

 

Поризводите на Марија Сиљаноска Михајлоска можат да се видат и на социјалните мрежи:  https://www.facebook.com/handmade.vegan.cosmetics; https://www.instagram.com/luna_simplynatural/

 

 

You may also like

Comments are closed.