Јубилејната, десетта по ред Јуфкијада годинава го прослави не само кулинарското наследство, туку прерасна и во платформа за застапување за правата на жените во земјоделието.

Домаќин на денес одржаната прослава на нашата традиционална храна и промоција на производите со додадена вредност е Националната федерација на фармери, во соработка со здружението за рурален развој „Јавор”.

Преку овој настан имавме за цел да ја подигнеме свеста за важноста на македонската традиционална храна и да ја поттикнеме потрошувачката на локално произведени производи. Јуфкијада не е само за производство на јуфки, туку за зачувување на нашиот културен идентитет и зајакнување на нашите рурални заедници, рече претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска. Ние жените од руралните средини ја истакнуваме важноста на Програмата за социјално осигурување за поддршка на жените во земјоделството за 2023 година. Оваа програма е одлично решение кое им овозможува на жените фармери да добијат паричен надомест за време на мајчинството во период од девет месеци, порача Мојсовска.

Да не се кочи реализацијата на Програмата за социјално осигурување за поддршка на регистрираните индивидуални земјоделки за 2023 година и да не се носат избрзани решенија и законски измени кои едноставно се на штета на земјоделките и земјоделците. Ова е пораката од страна на 100-те жени од рурални средини, кои учествуваа на традиционалниот настан „Јуфкијада 2023″, што по 10-ти пат се одржа во селото Зрновци. Потпишано е и барање кое ќе биде доставено до надлежните институции, да не се прават избрзани измени на Законот за здравствено осигурување, кој како предлог се разгледува во македонското Собрание.

Општина Зрновци отсекогаш поддржувала и ќе подржува настани кои ги промовираат старите традиционални вредности и улогата на руралната жена во севкупниот рурален развој. Таа игра исклучително важна улога во селското стопанство, производството на здрава храна и зачувувањето на старите традиции. Нејзиното учество и активност во овие области придонесуваат за развојот на руралните заедници и општества во целост, истакна Борчо Коцев, градоначалник на општина Зрновци.

Беше инспиративно да се биде сведок на зголеменото учество на жените во традицијата на правењето јуфки. Навистина беше ден исполнет со вкусна храна, директни разговори и славење на нашето кулинарско наследство”, додаде Жаклина Голчева, претседателка на здружението за рурален развој „Јавор”, истакнувајќи го општествениот и забавен карактер на Јуфкијадата.

Настанот беше доказ за заедничките напори направени од различни засегнати страни за поддршка на локалните земјоделци и создавање одржлив земјоделски сектор, организиран во рамките на проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите земјоделци и производители од руралните области со цел зголемување на нивните приходи”, поддржан од Шведска преку шведската развојна организација We Effect. Проектот има за цел да ги подобри пазарните врски за малите земјоделци, давајќи им можност да ги зголемат своите приходи и да придонесат за одржлив рурален развој.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.