На седми февруари официјално започна со работа AleXanDeR, школата за артисти. За реализацијата на овој проект, или, поточно за остварувањето на долгогодишната идеја за отворањето на школото и за сето што го нуди, „виновникот„ е Александар Ристовски – Принц, во многу нешта пионер на македонската музичка сцена. Го прашавме за целите и иднината на AleXanDeR, како и на сето на што можат да сметаат оние који ќе сакаат да гo посетуваат ова школо, просторно сместено во кулата на City Mall.

-Велите дека реализацијата, односно отворањето на школото уследило по повеќегодишно одложување, на што точно мислите, односно за колкав период се работи и који биле главните пречки/околности?
Навистина можеби повеќе од деценија и пол. Одложував бидејќи не работам ништо површно. Чувствував дека ќе сум премногу распнат помеѓу повеќе обврски, а кога работиш со ученици, мора да го дадеш максималното свое внимание и енергија.

-Кои ќе бидат целите на школото, односно што се ќе подразбира „Школа со само еден смер, смер за сестрани артисти„.
Да, нема да ги учам само еден инструмент. Сестран музичар треба да има познавање од секој сегмент и секоја фаза на создавањето на едно дело, проект… Да знаат да се изразат и да можат да презентираат идеја, да размислуваат аранжерски и да знаат со кого сакаат да соработуваат. Сами да го бираат својот тим, бенд, продуцент… Додека дојдат до бендот, тимот, а и откога ќе го имаат, да бидат способни да направат и се сами. Има многу бендови кои се како без компас, бидејќи членовите размислуваат само во рамките на својот инструмент. Јас ќе се потрудам да обучам навигатори. Ги имаме сите услови, услови какви што нема ни во најеминентните школи од сличен карактер.

-Спомнувате и обука која, воглавно, е насочена кон музичкото образование. Има и компонирање, програмирање, продуцирање, танц и сценско движење … колкав е обемот на часови, који се предмети се застапени и каква диплома кој ќе доделува?
Единствената диплома ќе биде неговото име и презиме, на артистот, неговиот бренд. Само така може да се има победнички став и амбиција. Ако чекаш некој да ти евалуира парче хартија, ти си веќе губитник и никому интересен ниту потребен.
-Кои се условите за упис во школата за артисти? Кои се целните групи и како до нив?
Мислам дека тие работи доаѓаат спонтано. Оној кој што треба, ќе го наведе патот до мене, или, мене до него. Едно знам, а треба да го знаат сите оние кои пеат или танцуваат пред огледало во своите соби: Соништата треба да ги следиш, бидејќи во спротивно цел живот ќе те прогонуваат. Не поминува желбата и прашањето „што ќе беше ако беше“, до самиот крај на животот. Затоа, мечка страв тебе не страв.
-Дали дел од она за што ќе стане збор во школото секако се и текстовите, односно книгата Забава до бесвест, стихозбирка и прво македонско издание на естрадна поезија?
Секако дека ќе ги охрабрувам да пишуваат свои текстови, или, да цитираат реномирани стихови. Има тука простор и за менторство, сепак тоа треба да има биометриски печат на секој од нив. Не е целта да правам клонови од себе./М.М.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.