Во Националната опера и балет, на 31 март, премиерно ќе бидат изведени две претстави на „Петар Пан“, балетот за деца. Станува збор за омилениот лик и роман на Џејмс Метју Бари, таткото на вечните деца и на сите оние што не сакаат да пораснат.

Ова е претстава за сите убавини на земјата Недојдија, за имагинација оплеменета со многу добра музика, игра и разноразни чудесии што ќе ги анимираат децата во претставите од 17.30 и 20.00 часот.

Оргиналноста на оваа претстава за деца и за сите који го чуваат детето во себе е што нема класичен наратор туку либретото го пее Ѕвончица, преку различни песнички.

Сценариото и сонговите ги потпишува Ристо Самарџиев,  кореографија и режија се на Ирена Лозинска, а визуелната магија е доловена преку костимите на Елена Вангеловска и сценографијата на Љупчо Јованов. Музиката ја потпишува Владимир Дојчиновски -Дојчин, а продукцијата е на  М- Соунд.

Петар Пан е музичко балетски спектакл, во кој учествуваат 56 деца од балетското студио „Арт балет“, заедно со Веселин Трајковски и Ницолас  Алехандре Хоурсеау, гости при балетскиот ансамбл.

Билетите се на mktickets.mk, Југотон и Литература.мк

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.