Одбележувајќи го делото на Пабло Пикасо (1881–1973) и кубизмот, Амбасадата на Шпанија во Скопје го организира модниот настан „носиме УМЕТНОСТ/llevamos ARTE“ во Музејот на град Скопје.


Во соработка со професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева и студентите од ТМФ – Институт за текстилно инженерство, овој моден настан, според организаторите, претставува омаж на шпанската уметност и пригода што ги поврзува светот на уметноста и модата.
Прикажувајќи го најдоброто од младите македонски иновативни студенти по мода, во овој проект, инспирацијата и пристапот во процесот на дизајнирањето беше артистичката продукција на Пикасо. Како еден од основачите на кубизмот, тој има значителен придонес за целиокупниот развој на модерната уметност во 20 век. Преку новите техники кои ги користи во сликите, колажот, скулптурите, керамиките, грaфиките, тој внесува револуција во начинот на гледање и конципирање на уметноста.


Сакајќи да ги покажат работите онакви какви што навистина се, а не само како изгледаат, кубистите во своите дела, ги анализираат субјектите, ги фрагментираат и повторно ги составуваат во оригинална, апстрактна форма. Со енергија на нова и инвентивна ароганција, тие ги прикажуваат предметите низ раскршена перспектива, прикажувајќи ја тридимензионалната реалност на дводимензионално платно.
За реализацијата на овој моден перформанс користена е музика од претставниците на вибрантната сцена на електронската музика на Шпанија – авангардната композиторка Едит Алонсо и продуцентот и диџеј Пионал./М.М.

You may also like

Comments are closed.