Музејот на современата уметност – Скопје на 11 февруари бележи значаен јубилеј: 60 години од основањето. По тој повод, во сабота, 10 февруари, со почеток во 12 часот, Музејот организира дневен настан – матине.
Ексклузивно, по 35 години ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 –2023). По катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност, подаруваа свои уметнички творби од кои е создадена уникатна колекција на Музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на МСУ е конзервирано од стручниот тим на Музејот и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања.
На јубилејниот настан во сабота ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.
Програмскиот дел за настанот вклучува и стручно водење низ тековните поставки со кустос- водич Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј сет на Игор Спироски, во неформална атмосфера.
Едновремено, во книжарницата на МСУ е зголемена понудата на производи во пресрет на јубилејот.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.