Јелена Розга во Скопје дојде за да го оствари својот сон, а замина полна со емоции и љубов, но и ветување – Скопје се гледаме пак!
Последниот пат кога бев во Скопје, вели таа, бев во салата „Борис Трајковски“ и си помислив: кога би имала јас концерт овде… и – ете, желбата ми се оствари. Оваа љубов, оваа енергија што ги почувствував вечерва не можат да се опишат со зборови. Навистина им благодарам на сите затоа што имав можеби досега еден од најемотивните концерти, рече Розга по синоќешниот концерт, реализиран во рамките на турнејата „Минут срца мог“.


Пред преполната „Борис Трајковски“ Јелена ги отпеа своите најголеми хитови, како и оние од времето на групата Магазин каде членуваше на стартот од својата музичка кариера.
Дека публиката уживаше доволно зборуваат и коментарите по концертот, но и атмосферата во салата. Од првиот до последниот такт вистинско „музичко цунами“ и хорско пеење, кренати раце и насмеани лица, но и фактот дека и по речиси три часа ретко кој сакаше да си замине дома.


На концертот организиран од Скајмјузик продукција, публиката имаше можност да ужива во гласот на Розга и одличните кореографии за кои друштво на сцената и правеа 12 танчари, предводени од словенечкиот кореограф Жига Сотлар.
Јелена на сцената се појави во неколку модни изданија, и тоа благодарение на модниот двоец Envy, а колку и значи концертот во Скопје и колку навистина се подготвуваше за овој настап доволно зборува фактот дека изгледаше сосема поразлично од концертите кои веќе ги одржа во регионот во склоп на турнејата „Минут срца мог“.


Фото: Вангел Тануровски

 

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.