Во КСП Центар Јадро во Скопје синоќа е отворена изложбата на акварели на авторката Елизабета Костова, насловена како „Градски импресии“. На изложбата Костова се претставува со триесетина акварели насликани последните две години, кои претставуваат нејзини импресии и впечатоци од градовите во кои престојувала, ги посетила или живеела. Голема инспирација и се старите македонски градови или делови од нив. Тесни улички, ниски куќи на приземје и кат, тесно збиени една до друга и со надвиснати еркери над улиците, истакна на отворањето архитект Натка Ќосева.


Можеби оваа тема што ја слика Елизабета преставува носталгија за старите делови од градовите како што ги паметиме, а во едно од тие маала Елизабета го поминала детството и младоста, Дебар Маало во Скопје. Можеби ова е и жал и носталгија за старите градски маала кои полека исчезнуваат и ги заменуваат модерни делови од градот со висококатници… Овие акварели се и носталгија за минатото кое одминува
– Акварелните решенија на Елизабета Костова претставуваат витални и флуидни репрезентации кои осцилираат помеѓу реалното и фантастичното. Во нив се остварува прониклив дијалог меѓу виденото и споменот од чија интеракција произлегува специфичниот колорит осветлен од меморијата. Низ оваа прошетка во урбаната средина формирана од колоритни фрагменти си спомнуваме за периоди од нашето животно патешествие. Според Васко Ѓоргиев од ДЛУБ тоа се впечатоци кои не водат низ енигмата на сеќавањата, нивната веродостојност, одржливост и променливост предизвикани од временските интервали на субјективното поимање.
Напорот што го прави Елизабета е да ја зачува сликата на едно секојдневие кое додека се виртуализира сè помалку ни припаѓа лично и ги губи контурите на нешто допирливо и човечно.
Иако Елизабета Костова целиот свој работен век го помина како психолог, нејзината љубов кон сликарството и нејзината уметничка дарба и креативност доаѓа до полн израз кога решава да почне да слика акварел.
Aкварелот е нејзината натамошна преопукација и уметнички израз. Костова има реализирано повеќе самостојни изложби во Дом на АРМ, Скопје (1989 и 1991 г.), Галерија на ДЛУМ, Скопје (2002 г.), во Домот на култура Иван Мазов – Климе, Кавадарци (2020 г.), како и во Галерија КО-РА, Скопје (2019, 2020 и 2023 г.) Има учествувано и на повеќе групни изложби.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.