Четвртото издание на Скопски моден фестивал е отворено со јубилејната ревија на Ивана Кнез. – Македонската дизајнерка ги прослави петнаесетте години присуство на домашната сцена со „Viva La Drama“ што синоќа се одржа во трговскиот центар Diamond Mall.
Ивана Кнез на присутните гости под маски им ја претстави целата своја кариера, преточена во креации инспирирани од петте филмови кои и оставиле најсилен впечаток.
Инспирирана сум од пет култни филмови кои влијаеа во создавањето на тоа што сум, филмови кои до ден денес менуваат животи. Ја посветувам на моите најмили, на оние кои ме поддржаа, без оглед на се што се случувало изминативе петнаесет години, истакна Ивана Кнез. Наменета е за жени кои не се плашат да живеат, кои не се вклопуваат во туѓи критериуми за среќа и кои имаат храброст да бидат свои.


На модната ревија со драмски призвук, дизајнерката ја претстави новата колекција, која е стилски омаж на филмовите: The Pink Panther (1963), Scarface (1983), Pulp Fiction (1994), The Fifth Element (1997) и Gladiator (2000), низ сценска игра на моделите, кои слободно комуницираа со публиката. Шоуто кулминираше со изведбата на „Lady Marmalade“ oд Бојана Скендеровски, додека манекенките дефилираа во црвени корсети, на крајот на „Viva La Drama“.


Свеченото отварање на Скопскиот моден фестивал, што втора година по ред се одржува во партнерство со Државна лотарија, продолжи со уметничкиот перформанс на артистот Бојан Ковски, во соработка со луксузниот бренд за накит Ador. Ана Ежова се појави во улогата на Венера, но во позлатена верзија, како од вештите раце и цртежот на тело од Ковски, така и со златните ланци и прстени од Аdor. Првата фестивалска вечер на Skopje Fashion Festival заврши со забава во ресторанот Мilo, каде до доцните часови се споделуваа импресиите од „Viva La Drama“.


Втората ревиска вечер ќе биде во знакот на „Diamond Show“, најголемата модна ревија направена од овој тип досега, со заедничко претставување на петнаесет брендови од трговскиот центар и над 70 модели на писта, поделени во три различни тематски делови: LUX LOOKS, FANCY SPORT и SMART ELEGANCE. Дека на македонската мода ѝ претстои светла иднина ќе потврди групата млади и талентирани студенти на Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје.
Програмата започнува од 20 часот./М.М.

You may also like

Comments are closed.