Доколку новиот тренд на потенки природни веѓи е вашиот избор за свечениот изглед во претстојните празници, освен во салон, може да се направат и во домашни услови, со три препарати. Потребни ви се моливи во две нијанси, еден во бојата на веѓите и еден посветол, како и проѕирна маскара за веѓи.
При дефинирањето држете се до координатите кои ќе ви дадат најубав облик на веѓите: првата координата е до коренот на носот – поставете го моливот исправено на надворешниот агол на носот за почеток на веѓата. Втората, највисоката точка на веѓата, е каде што ќе се постави моливот дијагонално над зеницата и над веѓата, додека третата точка, завршетокот на веѓите, е во близина над надворешниот агол на окото. Со поврзувањето ја добивате идеалната форма на веѓите.
За да бидат правилно обликувани, веѓите првин треба да се исчешлаат надолу и да се наполнат со молив во боја на веѓите, од средината до крајот. Потоа веѓите се чешлаат нагоре и се дефинира долната линија на средниот дел од веѓите со истиот молив.
Предниот дел од веѓите – до коренот на носот, се полни со посветлиот молив, со кратки тенки линии во насока на растот на влакната. Важно е моливот да биде за нијанса посветол, бидејќи така се добива природен ефект.
Со проѕирен гел вегите се фиксираат во посакуваниот облик. Доколку сакате потенки веѓи и уште подефиниран изглед, горните и долните рабови се поминуваат со коректор. Со мала четка или стапче за уши и со малку коректор се поминува под долната и над горната линија на веѓите за да се добие контраст и да се нагласи тенката линија на веѓите./M.M.