Освен модните недели што се одржуваат во Париз, Милано, Лондон, Њујорк, – и Токио се смета дека ги поставува и претставува идните модни трендови. Всушност, овие модни недели се најпознатите во светот и имаат големо влијание врз модниот свет. Модната недела што се одржува во Токио е “Rakuten Fashion Week TOKYO”. Домаќин е на Japan Fashion Week Organization (JFW Organization) и се одржува секој март и октомври. Мартовската недела овој пат е завршена со претставување на педесетина брендови со колекции наменети за претстојните есен и зима 2021.
Rakuten Fashion Week Tokyo (RakutenFWT) имаше безмалу подеднаков број модни куќи што своите ревии ги одржуваа во живо, како и оние кои дојдоа со видео претставувања на колекциите. Модните филмови, презентациите на веб-страници и другите видови виртуелни презентации, заедно со ревиите, се поставени и можат да се проследат на сајтот на настанот https://ourculturemag.com/2021/04/03/9m-autumn-winter-2021-at-rakuten-fashion-week-tokyo
Најновите креации се прикажани пред светот во Shibuya Hikarie и Omotesando Hills, но и на други локации во Токио. Пандемијата, модното справување и животот со неа, беа доминантна тема на добар дел од прикажаното. Така, дизајнерот Riki Yoshida ја претстави The Power of Sport колекцијата, инспирирана од неговото искуство во пандемијата, со повеќе спортовање од порано. „Кога спортувате, го одржувате здравјето и добивате чуство на исполнетост… ја реафирмирав моќта на спортот“, вели Yoshida.
Повеќето дизајнери, поради времето во и пост пандемијата, инсистираа на опуштени линии, но и на весели, пастелни тонови, како надополнување во едно суморно време исполнето со напнатост и исчекување на враќање на старото нормално. Во тие рамки се и предложените експериментални дизајни на машки здолништа и на женски панталони – видени како предизвик за премин кон нови хоризонти.
Паралелно со ревиите, во деновите на модната недела, внимание привлекуваше и уличната мода, како поради храбрите, напати и декадентни потези, така и поради задолжителното присуство на деталите од традиционалната јапонска облека. Како топлото пролетно време да беше причина за прошетка во експериментални волумени, експресивни принтови и со задолжителни традиционални детали./M.M.