Во National Design Centre на Сингапур, во рамките на изложба „Visions of the Future„ дизајнерката Шерил Тенг го претставува својот најнов дизајн, Pneumatics Touch, создаден како одговор на новите трендови во животите на луѓето, условен од пандемијата на Ковид-19.
Pneumatics Touch е ткаенина која како да оживува со внесување воздухот, преку посебна технолошка постапка. Ткаенината се одликува со високо ниво на топлинска изолација, има повеќе различни комори со кои станува удобна, топла и заштитна ткаенина за повеќе ситуации. Од пнеуматичен текстил може да се изработуваат: облека, навлаки за мебел, да се декорира простор и да се заштитуваат чуствителни апарати.
Шерил Тенг со воздушестата ткаенина се обидува да испита како со воздухот – како лесно достапен ресурс – може да се направи пневматски текстил, за да одговори на потребите за заштита или за затоплување на луѓето и на околината. Замислен како модуларен систем, преку воздушни џебови, ги капитализира својствата на воздухот за да се обезбеди топлинска изолација, удобност и заштита во време на пандемија и на потреба од социјално растојание.
Pneumatics Touch е проект поддржан од Центарот за дизајн на Сингапур и презентиран на изложбата „Визии за иднината„. Изложбата содржи седум дизајни кои сугерираат нови трендови на живот и нови навики што се јавиле со пандемијата на Ковид-19.
Некои од проектите истражуваат нови начини на одржување на лична хигиена, а некои се алатки за подобрување на менталното здравје во време на зголемена изолација. Изложбата може да се види на веб-страната на National Design Centre на Сингапур и на веб-страницата на „Visions of the Future„. /М.М.