Со концепт што ја поставува модата како функционален систем, а не како визуелен спектакл, во просторот на Diamond Mall отворено е 32. издание на Моден викенд Скопје, кое оваа сезона се реализира под мотото „Модата како културна архитектура“.
Отворањето помина во знакот на „China Night“, реализирана со поддршка на Амбасада на Народна Република Кина во Северна Македонија, како јасно артикулирана ревијална целина во која беа претставени повеќе современи кинески автори. По обраќањето на амбасадорката Jiang Xiaoyan, на пистата следуваа колекции што се одликуваа со дисциплина на формата и прецизен дизајнерски израз – од контролираниот пристап на Zhou Jin, преку динамичните интерпретации на Gong Hangyu, до архитектонските силуети на Jiang Xiaoxi. Во рамки на програмата беше претставен и накитот на Chen Ziyue, додека изложбата „Qing Dynasty Mamian Skirt & Costume Exhibition“ внесе историска димензија и воспостави дијалог помеѓу традиционалното наследство и современите модни интерпретации.
Вториот сегмент од вечерта ја пренесе модата во дигитален контекст преку изложбата „3D & AI во модата“, реализирана во рамки на проектот DigiFashTech со поддршка на Европската Унија и Green Land Group. Преку серија инсталации и кратки презентации, авторите ја третираа модата како процес и систем што се развива преку технологија. Никола Ефтимов ја истражуваше трансформацијата на традицијата во дигитален јазик, Емилија Славкова со проектот „From Clay to Code“ го следеше континуитетот на женскиот идентитет, додека Ангела Доневска во соработка со Neonflex.mk создаде холограмско искуство инспирирано од морските екосистеми. Во оваа рамка се вклучија и проектите на Александра Филипова и BlackBello, како и истражувањата на Цветанка Гаревска Јаневска и колективот Lirka, кои ја отвораат модата како простор на дигитална и визуелна експанзија. Особено внимание привлекоа студентските проекти од Академијата за графички дизајн при Семос Едукација, што ја потврдуваат активната улога на новата генерација во индустријата.
Моден викенд Скопје постави јасна рамка во која модата се третира како структура што ги обединува културната дипломатија, технолошките иновации и едукативниот контекст. По триесет и две сезони, настанот се позиционира како платформа што не ги следи трендовите, туку создава услови за нивно обликување. Програмата продолжува и во наредните денови со акцент на одржливоста и регионалната соработка, поврзувајќи ја домашната сцена со поширокиот европски контекст.
Генерален партнер на настанот е УНИБанка, а програмата се реализира со поддршка на повеќе партнери од креативниот и бизнис секторот.
Фото: FWSK 32 / Ѓоргји Ристоски, Горан Бошковски.



















