Најновата колекција на Balenciaga, прикажана на Париската модна недела под наслов „Body and Being“ е дело на креативниот директор Пјерпаоло Пичоли (Pierpaolo Piccioli), откако претходниот Демна (Demna) замина во Gucci.
Традиционалната архитектонска силуета на историската Balenciaga со Пичоли се спојува со современи елементи, како спортска естетика, street-formal комбинации и поудобен луксуз, во обид модната куќа да се врати кон нешто што повеќе личи на стил – отколку на скандал, оркестриран од Демна.
Во колекцијата доминира стилска корекција – поместување од провокацијата и концептуалната агресивност кон нослива и елегантна форма. Главниот сигнал е изборот на клучната силуета: pantaloon, односно широки, балонести панталони со низок струк и голем волумен. Овој крој, кој историски асоцира на боемска слобода и лежерност, во новата интерпретација се појавува како комбинација меѓу лесни ленени панталони и удобен спортски модел, со нагласен фокус на движењето на материјалот и комфорното носење.
Она што е особено интересно е дека оваа форма на ревиите не се појавува само како лежерен тренд, туку и како рафинирана, речиси архитектонска силуета. Во поширокиот контекст на меѓународната модна сцена, истиот тренд се појавува и кај други модни куќи. Celine нуди поурбана и streetwear интерпретација, додека Coperni се насочува кон патничка и „wanderlust“ естетика. Во исто време, дизајнери како Michael Kors, Altuzarra и Emporio Armani го разработуваат истиот крој во полесни материјали како шифон и креп, или во луксузни свили со декоративни детали, што укажува дека станува збор за поширок моден сигнал на сезоната.
Севкупниот впечаток од новата колекција е дека Balenciaga се движи кон порамнотежена естетика: доминираат контролирана драматика, удобност и боемска елеганција, додека волуменот останува важен дел од идентитетот на модната куќа.
На тој начин Balenciaga под водство на Пичоли се обидува (по темните времиња обележани со контроверзи и бојкоти од купувачите) да се врати на светлата страна – поблиску до идејата за стил, силуета и елегантна модна архитектура./M.M.
![]()



















