Инструментот инспириран од песочни дини на Kelly Wearstler отвора приказна според која пијаното, освен музички инструмент, може да биде и архитектура и скулптура
Промоцијата на необично пијано, инспирирано од песочни дини, повторно го отвори прашањето за тоа колку далеку може да оди дизајнот на еден од најкласичните музички инструменти. Новиот модел Timbra, создаден од американската дизајнерка на ентериери Kelly Wearstler за британската компанија Edelweiss Pianos, изгледа повеќе како скулптура отколку како традиционално концертно пијано.
Инструментот нема класична надворешна обработка и боја. Наместо масивниот корпус што со векови ја дефинира силуетата на концертното пијано, конструкцијата е отворена, а дрвото е обработено така што природните шари се движат како бранови, потсетувајќи на песочни дини. Со тоа пијаното добива органска форма што ја нагласува природата на материјалот, но и го претвора инструментот во впечатлив дизајнерски објект.
Иако ваквите решенија изгледаат радикално ново, идејата пијаното да биде и уметнички објект има долга историја. Во различни периоди дизајнери и производители експериментирале со материјали, форма и конструкција, создавајќи инструменти што ја поместуваат границата меѓу музиката и индустрискиот дизајн.
Еден од најпознатите историски примери е пијаното што го создал данскиот дизајнер Poul Henningsen. Неговиот модел PH Grand Piano, направен во 1930-тите за производителот Andreas Christensen, има стаклен капак и модернистичка форма со јасни, елегантни линии. Во своето време овој инструмент бил вистинска сензација, а денес се смета за класика на скандинавскиот модернизам.
Далеку порадикален пример доаѓа од Германија. Производителот Schimmel Pianos го создаде моделот Pegasus Grand Piano – футуристичко пијано со силуета што изгледа како да лебди. Инструментот е поставен на транспарентна структура, а капакот се отвора во драматичен лак, па целата конструкција потсетува на скулптура од современа архитектура.
Постојат и модели кај кои главната идеја е целосната видливост на механизмот. Компанијата Blüthner создава пијана со транспарентно куќиште, познати како Crystal Edition, во кои жиците, чеканчињата и целата внатрешна механика се гледаат како во изложбена витрина.
Пијано во длабоко индиго го трансформира класичниот инструмент во визуелен центар на просторот, во кој формата и бојата зборуваат исто толку силно колку и музиката. Моделот Twist / D од студиото Based Upon, со неговите флуидни облини и синкасто‑бела патина, каде што современиот дизајн ги раздвижи традиционалните форми, го претвора пијаното во скулптура‑инструмент.
Во ваков контекст, пијаното инспирирано од песочни дини на Kelly Wearstler не е само уште една дизајнерска екстраваганција. Тоа е продолжение на долгата традиција во која производителите и дизајнерите го преиспитуваат изгледот на инструмент стар повеќе од три века. Резултатот се пијана што не се само музички инструменти, туку и скулптури, архитектонски објекти и колекционерски предмети што го претвораат звукот во дел од поширока визуелна приказна./M.M.




















