Мода вестиМоден мозаик

Модата на Paris Men’s Fashion Week: од тренд кон трајност

Париската машка модна недела во знакот на прагматизмот, класиката и воздржаната естетика

Според виденото на париската модна недела (Paris Men’s Fashion Week), машката мода за следната зимa се поврзува со прагматизмот, носливоста и безвременската естетика. Доминираа класични силуети, со внимателно дозирани иновации и со јасна порака за враќање кон сигурните, функционални и долготрајни вредности во машката мода.

По турбулентната 2025 година, обележана со повеќе промени на креативни директори и бројни деби-претставувања, актуелната зимска едиција е забележливо повоздржана. Програмата на модната недела вклучуваше и помал број ревии, што укажува на промислен и внимателен пристап – и во концептот и во изразот.

Според аналитичарите, во контекст на глобалната нестабилност и економските предизвици со кои се соочува индустријата, модните куќи се ориентираат кон стратегии што водат кон сигурност. Тоа се одразува и во естетиката: наместо ризични модни експерименти, фокусот е ставен на проверени силуети, класични форми и дискретна носталгија.

Според Адриен Коминие, уредник за мода во GQ, оваа естетска воздржаност ја одразува пошироката тенденција на враќање кон суштината. Тој нагласува дека постои изразена желба за создавање облека што е наменета за реалниот живот и што може да трае, наместо за сезонски трендови што брзо се трошат. Во таа смисла, и публиката и дизајнерите се повеќе ја вреднуваат безвременоста на силуетата, а не нејзината моментална атрактивност.

Louis Vuitton, под креативното водство на Pharrell Williams, понуди разновидна колекција со едноредни и дворедни костуми, различни кроеви и комбинации, меѓу кои и костум комплетиран со бермуди. Dior ја истражуваше историјата на машкиот костум, со силуети инспирирани од 1940-тите години преку заоблени раменици и широки панталони, но и од 1960-тите, со скратени сакоа. Кај Hermès доминираа луксузни материјали, додека Sacai  ги деконструираше класичните панталони со додавање волани, создавајќи впечаток на слоевита облека.

Juun.J представи модели во цветни и кадифени варијанти, како и силуети со широки, мотоциклистички панталони. Карираните дезени беа уште една силна тенденција, присутни во транспарентните тартан-комбинезони на Jeanne Friot и карираните кошули на Kolor. Dior го редизајнираше легендарниот Bar jacket, Louis Vuitton понуди бројни костуми во Prince of Wales дезен, а кај Officine Générale сличен  мотив се појави на класично кроено палто.

Палетата на бои остана воздржана и неутрална, со доминација на црна, сива, беж и кафеава. Посилни колористички акценти, како виолетовата кај Dior, Louis Vuitton, Issey Miyake и Etudes Studio, останаа исклучок, а не правило.

Во оваа атмосфера, фантазијата не исчезнува, туку се преселува во деталите. Астрид Фаге забележува дека никогаш досега немало толку многу капи на ревиите: од панк стил кај Dior, кожни капи кај Louis Vuitton, беретки носени наназад кај Officine Générale, до маски од макраме кај Rick Owens.

Екстраваганцијата, наместо во силуетите, се појави во декоративните елементи: ресести еполети со кристали кај Dior или ситни апликации на сивото палто на Dries Van Noten. Тие интервенции ја збогатија визуелната нарација на колекциите, без да ја нарушат нивната основна, смирена рамнотежа.

Со сето прикажано, ова издание на Paris Men’s Fashion Week испрати јасна порака: машката мода се движи кон стабилност, трајност и промисленост – како одраз не само на естетската, туку и на општествената клима во која е создадена.

Фотографии: Louis Vuitton, Dior, Hermès

You may also like

Comments are closed.