Мода вестиМоден мозаик

Тивката револуција во Balenciaga

Пјерпaоло Пичоли ја врати куќата кон нејзината архитектонска душа, претворајќи ја модата во уметност на движењето. – Новата жена на Balenciaga, како што ја дефинира тој, е слободна, самосвесна и ненаметлива, но со присуство што не може да се игнорира.

Еден од најочекуваните моменти на париската модна недела секако беше дебито на Пјерпaоло Пичоли како нов креативен директор на Balenciaga. Во историското седиште на модната куќа, дизајнерот ја претстави колекцијата за пролет-лето 2026, со која направи емоционално и симболично враќање кон изворниот дух на Кристобал Баленсијага – кон формата, архитектурата и суптилната слобода на движењето.

За разлика од неговиот претходник Демна, кој ја обработуваше уличната естетика, Пичоли избра поинаков пристап – да се потпре на изворните линии и пропорции што го направија Баленсијага револуционерен во педесеттите години. Неговата инспирација потекнуваше од прочуената „sack dress“ од 1957 година – тогаш оспоруван симбол на одбивањето на струкот, кој денес повторно станува метафора за ослободување и нова дефиниција на женственоста.

Колекцијата се движеше меѓу почит и преобразба: волуменозни кокон палта во зелена „absinthe“ нијанса, балон здолништа кои лебдеа наместо да чекорат, и магента фустани со архитектонска структура што ја обвиваше силуетата со елегантна строгост. Особено внимание привлече краткиот фустан со откриени раменици во свилено-волнен микс, чиј заден дел беше инспириран од легендарниот „peacock train“ на Баленсијага од 1958 годин. Пичоли им даде нов живот и на деталите – високите шапки беа омаж за Никола Гескиер, а меките туники и палта со линија во облик на буквата А го носеа препознатливиот потпис на Balenciaga, овојпат со повеќе човечка топлина.

Во ова дебитантско претставување, Пичоли не ја изгуби својата препознатлива емоционалност стекната во Valentino, туку ја пренасочи во нова визија – моќ што произлегува од тишината, од мерката и од достоинството на формата. Новата жена на Balenciaga, како што ја дефинира тој, е слободна, самосвесна и ненаметлива, но со присуство што не може да се игнорира.

Со оваа колекција, модната куќа се врати кон својата суштина – кон идејата дека убавината не мора да го следи телото, туку може да го ослободи. Париж ја виде не само новата Balenciaga, туку и новото лице на елеганцијата во 21 век./M.M.

 

Фото: официјална ФБ страна на Balenciaga

 

 

You may also like

Comments are closed.