Безвременските, софистицирани дизајни, заедно со посветеноста кон етичките и одржливите практики, се клуч на успехот на Brunello Cucinelli, во време кога модната индустрија е соочена со бројни финасиски предизвици.


Brunello Cucinelli е италијански моден бренд познат по својата високо-квалитетна облека и додатоци од кашмир. Брендот е основан во 1978 година, од дизајнерот Brunello Cucinelli и е со седиште во малото место Соломео, во централна Италија.

Балансот помеѓу современата елеганција и прилагодениот, во основа класичен стил, ја дефинираат и новата колекција на Brunello Cucinelli, наменета за пролет/лето 2024 година. Колекцијата е повод и за рекламна кампања што може да се види на следниот линк: https://bit.ly/Refined_Pursuits


Кампањата за пролет-лето 2024 на Brunello Cucinelli прикажува ера на елегантна и занатски добро изработена облека, со особено внимание кон деталите.
Освен во дизајнот, брендот Brunellо Cucinelli остварува голем успех и на деловен план. Во 2023 година, брендот реализира значителен раст на приходите, при што нето добивката се зголеми за 42 отсто во споредба со претходната, 2022 година, достигнувајќи 123,8 милиони евра. Вкупниот приход за 2023 година изнесува 1,14 милијарди евра, што претставува зголемување од 23,9 отсто во однос на претходната година.


И покрај предизвиците со кои се соочува малопродажниот сектор во модната индустрија ширум светот, по првиот квартал од 2024 година, Brunello Cucinelli објави извонредно зголемување на приходите од 16,5 проценти.
Резултатите се плод на идејната определба на брендот која основачот Brunello Cucinelli доследно ја применува во својата компанија. Имено, идејна определба на Brunellо Cucinelli е концептот на хуманистички капитализам и хумана одржливост. Врз основа на принципите на етички и одржливи практики, брендот се стреми да ја усогласи современата елеганција со посветеноста кон општествената одговорност.
Оваа идејна определба продира во секој аспект на бизнисот, од дизајн до производство и пошироко, до односот кон вработените и соработниците, што резултира со бренд кој не само што создава извонредна мода, туку дава и позитивен придонес за сеопфатен, внимателен и одговорен однос кон општеството. М.М.

You may also like

Comments are closed.