Последниот викенд од септември мина во знакот на третата интернационална сезона на културно-забавната манифестација Skopje Fashion Festival во партнерство со Државна Лотарија, каде што посетителите имааа можност на едно место да ги проследат ревиските претставувања на ексклузивни колекции со потпис на повеќе звучни имиња од земјата и регионот, проследени со музички и сценски настапи на популарни ѕвезди и млади таленти.
По свеченото отворање со моделите на Елена Лука, деби колекција претстави СЕРБЕЗ, бренд креиран од тим инспириран од жените кои твореле и го менувале светот и „сербезлукот“. Пред македонската јавност одново се претстави и познатата косовска дизајнерка YLLKA BRADA, овојпат со унисекс колекцијата „UNITY: F/W 23“, која ги редефинира модните норми и јанпрегрнува инклузивноста.
Премиерно учество на фестивалот имаше и модната куќа BIANKA SPOSA, oснована од визионерската дизајнерка Салије Муладаути, каде соништата добиваат форма, а љубовта е скроена во секој шев од гламурозните венчаници, кои ја отелотворуваат грациозноста и индивидуалноста.
По успешната презентација на Feeric Fashion Week во Сибиу, Романија, за првпат на домашно тло блесна групата од единаесет надежни и перспективни млади дизајнерки: Оја Осман, Луна Аврамовска, Есра Фазлији, Сара Саид, Христина Ѓорѓиева, Берна Ахмед. Ебру Калинка, Хава Јахја, Маригона Рахмани, Суреја Јакупи и Ринеса Ахмети, студенти од прва и втора година на студиската програма за моден дизајн, при Фактултетот за Уметност и Дизајн на INTERNATIONAL BALKAN универзитетот. Насловена како ,,Natural liberty’’, ова е второ претстaвување на студентската ревија, по поканата и учеството на Ферик модната недела во Романија, во јули оваа година. Студентите од прва и втора година работеа на тема ,,Природа’’, делувајќи од естетски, функционален и ергономски аспект.
Бура од аплаузи на третата фестивалска вечер предизвика ИВАНА КНЕЗ, која по пет години ревиска пауза, се врати под рефлекторите на големата сцена, докажувајќи зошто епитетот „драма“ совршено прилега на нејзиното име.
Белата ноќ во метрополата, специјално за љубителите на машката мода, ја збогатија два комплетно различни дизајнери од Србија. Ѓорѓе Башчаревиќ и колекцијата со назив „Off the season“ за 2024 година, донесе еклектичен микс на референци, силуети и стил. Под влијание на јапонскиот минимализам, но и на средноевропскиот андерграунд уличен стил и електронската музика, оваа колекција е уметничко претставување на терминот „мека машкост“ и ги редефинира кодовите на класичната естетика на машка облека. Во колекцијата доминираат рамните форми, функционалноста и елементите на женската мода.
За првпат во нашата земја со брендот MARTINI VESTO BY BOSKO гостуваше и легендарниот српски водител, долгогодишен модел и наградуван моден дизајнер БОШКО ЈАКОВЉЕВИЌ, чија колекција го отсликува поривот на неговата креативна работа, да се отфрли стереотипот дека машките одела се наменети само за формални прилики, повикувајќи се на нивната приспособливост и шарм.
Финалето на третата сезона на Skopje Fashion Festival го означи брендот LA MAISON CECE T., понудувајќи целосно поинаква естетика од претходното учество на манифестацијата, што е и очекувано од дизајнерката СВЕТЛАНА ТРПЕВСКА, бидејќи нејзините колекции се секогаш различни и непредвидливи, а последната уште еден нов предизвик, со доминација на златната и црната боја, како и впечатливи кожени детали.
Фотографиите се на Бојан Стоилковски и Џоле Миловски.