Нешто повеќе од очекувано вообичаена модна ревија на студенти по моден дизајн беше годишната презентација на завршните трудови на идните модни дизајнери на институтот „Изет Цури“.
На гламурозната модна ревија која се одржа на 30-ти јуни во просторот на НОБ беа прикажани четириесет креации, како од студентите од сите студенски години така и од веќе етаблирани завршени студенти и од самите професори.Според соопштението на организаторите темата која годинава им била зададена, која преку својата сопствена имагинација требаше да ја искомуницираат и претворат во идентитетски дизајн, беше и интригантна и поттикнувачка, но и мошне изискувачка – Омаж на Тјери Муглер.
Муглер, кој по Скјапарели во 20-тите години ќе се запише во аналите на светската мода како најголемиот аванградист, ги направи најдобрите костими, го создаде најпродаваниот парфем и го режираше најмодниот музички спот на 20-тиот век. И токму како такво наследство, вредно за изучување и богато за поттикнување, Изет Цури, кој има работено со него повеќе од една декада, ќе го избере како менторска тема под која студентите во неговиот институт ќе создадат свои модели за завршната студентска изложба во 2023 година.
Никој не може да остане имун на Муглер, па беше интригантно како младите креативни умови го преточија неговото наследство во своја сопствена уникатна естетика. Се најдоа тука препознатливите форми од 80-те, карактеристичните корсетни облици, но и футуристички изгледи и венчални фустани. Општиот впечаток е дека секој од дизајните си искористил своја сопствена референца од естетиката на Муглер.
Ревијата започна токму со дизајните на децата, сите на возраст од 9 до 13 години, млади таленти кај кои поривот и пасијата за мода е рано препознаена, па професорот Изет Цури им дава можност да ја развијат од најрана возраст. Колку се навистина талетирани се докажа со довербата токму тие да ја отворат ревијата. Но тоа не е единствената посебност по која оваа едукативна установа се разликува од останатите.
Друга, и можеби најзабележлива карактеристика е инсистирањето на совладување на вештината на конструкцијата – дел на кој тука се посветува особено внимание, што беше повеќе од очигледно и видливо на пистата во секој од индивидуалните изгледи, од навидум едноставните па сè до беспрекорно изработените корсети, чиј процес на изработка е будно следен од маестрото за корсети, визитинг професорката Доминик Брунет.
Посебен шмек на овој повеќе перформанс одколку класична модна ревија беше секвенцата со кошулите со логото на институтот (реферирање на една од ревиите на Муглер од 80-те), кореографија во која настапија нашите познати актерки Катерина Шехтанска и Елизабета Клинчаревска Младеновска, како и специјалното појавување на музичарот и режисер на спотови Александар Ристовски Принц, како асоцијација на спотот на Џорџ Мајкл кој го има режирано самиот Муглер.
Како и секоја година така и оваа по повод крајот на учебната година беа доделени и специјални награди за најуспешните, а аспектите по кои беа избрани беа засебно за моделизам и стилизам: Арсиме Бајрами, студентка од трета година, покажа дека моделизмот е ставка која силно се развива кај студентите на овој институт, а Софија Петрова, студентка од прва година, го оправда стилското визионерство на најновите студенти.
Подржувачи на настанот беа: Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, Француската Амбасада во Северна Македонија, Францускиот институт во Скопје и Oпштина Чаир.