„Македонијо во срце те носиме”, е насловот на новиот музички проект во кој, на едно место се ставени 12 македонски патриотски песни, со 12 македонски изведувачи од светот на забавната и на народната музика.

Меѓу учесниците се: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, ДНК, Огнен Здравковски, Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска, Зуица Лазова, а на списокот песни се „Заветна”, „Налеј, налеј”, „Народе македонски”, „Едно име имаме”, „Земјо македонска”, „Ој, Вардаре”, „Оган да го гори”, „Послушајте патриоти”, „Ми заплакало село Ваташа”, „Море сокол пие”, „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов” …

„Македонијо во срце те носиме” е проект кој во овие турбулентни времиња, кога често сме негирани како народ кој има своја историја, свое творештво, песни во кои се крие вистината за нашата земја, има за цел да ги возобнови најубавите македонски, патриотски песни, да им го продолжи векот и да ги доближи до новите генерации.

„Нашите патриотски песни ја чуваат вистината за нашето потекло, за нашата борба, за борбата на нашите најголеми херои и за нивната жртва. Токму затоа, идејата беше да им го продолжиме векот на песните и да ги доближиме до младите луѓе, кои, за жал, сѐ поретко растат со македонска музика.

Идејата на овој проект е да го обедини македонскиот народ во вистината што ја носат овие патриотски песни, на кои сакаме да им дадеме свој печат, своја емоција. Поделби не ни требаат”, рече на денешната прес-конференција Бојана Скендеровски, која го најави и концертниот караван што под истото име ќе ја обои Македонија во најубавите звуци.Планирано е да се одржат концерти во неколку македонски градови, а завршниот е закажан за во Скопје.

 

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.