„GROOVE“ (ГРУВ), мултимедијалниот концертен спектакл на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ ќе биде одржан на 21 април, на сцената на Националната опера и балет. На ова аудиовизуелно доживување како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
Музичкото доживување ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д визуелни ефекти кои, со технологијата на 3Д мапинг, во целина ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување кое за првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика.
На концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) ќе бидат изведени четири праизведби составени од класиката, преку фолклорот, до рокенролот. Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн – Мизерлоу, В.Валтон, Д.Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.
– Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници. Користиме технологија која првпат се употребува на концерти од ваков тип и, во комбинација со виртуозноста во сценскиот настап на солистот Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки и уникатната програма, ќе ја разбуди синергијата кај секој од присутните – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
Настанот во Националната опера и балет, на 21 април (петок) е со почеток во 20 часот. Влезниците, по цена од 750 денари, се продаваат преку продажната мрежа на МКТикетс во државата, како и на следниот линк – https://mktickets.mk/event/groove/