На осми април (петок), во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Дарко Алексовски, насловена како „Пејзажи на восхитот“ (Landscapes of Astonishment).

Уметникот е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници. Наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје.
Изложбата ја курираат: Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

„Пејзажи на восхитот“ е наративен и истражувачки уметнички проект (цртежи и проекција) составен од три засебни целини, кои меѓусебно наративно и формално се надополнуваат. Овој проект е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на вљубување и невозвратена љубов, како и постојаниот копнеж по нови неостварени начини на сеќавање.

Како што вели Алексовски оваа изложба е збир од дела настанати во изминативе неколку месеци, чии почетни точки се литературни и визуелни референци, но се надоврзуваат на дела кои ги работи уште од 2020 година.

Другите двајца наградени автори од 13. Меѓународно биенале на млади уметници, Наташа Неделкова и Дритон Селмани, исто така ќе се претстават со самостојни поставки во МСУ – Скопје, во текот на оваа година. Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба на седми мај, а Дритон Селмани ќе се престави со свои дела во ноември./М.М.

 

 

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.