Зад секое успешно филмско или театарско дело, освен возбудливо сценарио, добра актерска екипа, квалитетна режија и впечатлива музика, стои и совршено осмислена костимографија. Костимите ја надополнуваат магијата, ја осмислуваат приказната. За значењето на костимографијата, актуелната состојба кај нас, личните премрежја, како и за последните два проекта, односно двете премиери во Скопје и во Прилеп зборувавме со Розе Трајческа Ристовска.

МодаМода: Минатата недела имавте две премиери во театарските куќи во Скопје и во Прилеп. Како поминаа – какви се впечатоците, првите оценки и изјави?

Огромен подвиг е да се почне и да се заврши проект во услови на пандемија, со протоколи и страв од неизвесност. На иницијатива и со подршка од самите театарски куќи, со дисциплина и желба за работа, се реализираа двата проекта во кои бев ангажирана. Костимографијата за „Црни девици“, во режија на Бесфорт Идризи, беше за Турскиот театар, а „Каменот“,во режија на Кристина Димитрова за театарот „Војдан Чернодрински„ во Прилеп.

“Црните Девици“ – костими Розе Трајческа Ристовска

„Црните девици„  драмско истражување за позицијата на муслиманите денес, низ 30 снимени интервјуа и лични сведоштва на  нео-муслиманки од Германија, Европа и ширум светот, но и за  веќе изумрените турско-исламски видови на театар и нивната можна актуелизација во денешно време. Мојата задача беше преку облеката да ги пренесам и паралелите и преплетувањата меѓу сите тие  светови. „Каменот„, пак, првата премиера на прилепскиот театар од почетокот на пандемијата, претставува хроника за семејството Хајзинг, која го опфаќа период од 1935 до 1993 година. Патувањето низ времето, низ судбините, за мене беше посебен предизвик, но и можност за доловување на димензија повеќе преку костимографијата на претставата.Тоа што ми недостасуваше, а за жал е нужност,  е побројна публика и критички фидбек.

“Каменот“ – костими Розе Трајческа Ристовска

МодаМода: Што е клучно за да се изработи еден добар костим што треба да ја понесе приказната, но и на сите околности во кои се создава, од каде ја црпите инспирацијата?

Костимиграфијата за мене е комплексна, возбудлива и инспиративна  –  секогаш на различни начини. Клучен момент е карактерот и периодот на случување, режисерското доживување на самото дело (начинот на игра). Од почеток на читање на текст, до излегување на сцена, комплетна присутност во истражување и создавање карактери.

Изложбата „Портали“ во Музеј на Град Скопје

Изложбата „Портали“ во Музеј на Град Скопје

МодаМода: Еден од клучните фактори за успешен филмски и театарски проект е костимографијата, колкаво значење и се придава кај нас?

Успешен проект, било театарски или филмски, е кога има се. Секако дека е важна костимиграфијата. Таа е тесно поврзана и со сценографијата, светло и најважно со ликот, карактерот што го оживува.

МодаМода: Со какви проблеми се соочуваат костимографите денес?  Се зборуваше за дефицитарен кадар –  кројачи и гардеробери кои се дел од вашите тимови?

Кај нас има проблеми секаде, на секое поле, но живееме со нив. Првото работно место ми беше во МТВ, каде што постоеше шивална со машки и женски моделари и шивачи. Тоа одлично функционираше. Сега тоа го има само во МОБ и Драмски театар. Процесот на создавање е тежок и макотрпен. Почнуваш со набавките на материјали, па работиш со шнајдери на две различни страни од градот, водиш документација и останато. Тажно е што кројачите се дефицитарни, гардероберите исто така, а асистенти не постојат. Се чувствувам како алхемичар во секојдневието. Во мојот микрокосмос опкружена со семејството, драги и вистински соработници и креативни души.

МодаМода: Дали и наградите се дел од тоа социо-економско општествено милје?

Секако дека и наградите се дел од тоа социо-економско миле. Убаво е кога си наградуван и кога се натпреваруваш. Делува мотивирачки, добиваш потврда за сработеното. Се е склоп на околности. Треба да се спојат коцките, успехот и наградите се тимски. Се радувам на наградите за костимографија. Меѓу најдрагите се оние добиени со „Ајнштајнови соништа“, со Слободан Унковски и „Магбет“,со Нела Витошевиќ, како и трите награди за модни колекции на Модест 2000, 2001 и 2002, како и двете Златни сонца за Македонски производ за 2001 и  2002 година, во време на соработка со модната конфекција Окитекс – Скопје.

МодаМода: Што освен креативност и познавање на облеката – на нејзината историја, трендот и разнообраноста треба да поседува добар костимограф? И – потоа – што кај нас треба  да има, или, да му се случи, за да стане успешен?

Треба реална и вистинска креативност и познавање на облеката, историјата и трендот. Желба за создавање, присутност со цело срце и енергија во самиот процес на работа и добра интуиција, психологија на карактерите на глумците.

Кога работиш искрено, успехот е загарантиран. Многу е важно да дојдеш до вистински проект и режисер со кој на исти начин ги доживувате уметноста и убавината. Како што режисерот се врзува со драматургот, така таа врска потоа се шири. Спојот на сите елементи е успех.

“Магбет“ – костими Розе Трајческа Ристовска

МодаМода: Како лично и деловно се соочувате со пандемијата, каков е бизнис одговорот, какви плановите и сл. Постојат ли можности тие да се реализираат и кои се премисите?

Верувам во убавината, во среќата. Таа ме држи да сум разумна и храбра, да останам присебна, да плачам, да се исплашам на момент, да ги избркам лошите мисли и продолжам да чекорам по својот пат.

Сакам да сум активна секаде. Ако нема проект, тогаш домот ми е проект кој никогаш не завршува. Секогаш има нешто што се случува под покривот на нашиот дом. 

МодаМода: Кои би биле  вашите предлози за ублажување на последиците од пандемијата ?

Работата – креативноста, постојаноста. Веднаш по филмот „Сестра“ на Дина Дума, годинава ја почнав со успешен проект „Мојот маж“ на Нела Витошевиќ, верувам дека ќе заврши со исто таков. Работам на проект „Магнолија“ со Васил Христов, токму на изгледот на костимографијата, до моментот на нејзиниот почетокот. /M.M.

You may also like

Comments are closed.