Елена Пандева

Елена Лука е еден од најпознатите модни брендови на модната сцена кај нас. Елена Лука е и синоним за автентичен, авангарден и уметнички моден израз што од 2008 година создава свој моден печат, препознатлив на домашниот пазар и пошироко. Новите колекции, новите услови на пазарот поради пандемијата, прилагодувањето, иднината на модниот пазар – сето беше повод за иницирање разговор со генералниот менаџер на брендот, Елена Пандева, која ни открива…

 ММ: Како е вашето видување, оценката и како професионално ја доживеавте 2020 година?

  • Да бидеме искрени, изминатата година беше предизвикувачка на секое поле и речиси сите сфери мораа да се прилагодат на новонастанатата ситуација. Ниту модната индустрија не беше поштедена, како на светско ниво, така и дома. Бевме сведоци на откажување на модни недели, згаснуваа брендови, дизајнерите се откажуваа од подготвувањето ревии или пак и тоа што се работеше, се работеше онлајн и во ограничени услови. Така и ние моравме да се прилагодиме и да го искористиме максимумот од она што се нуди како можност. Разлика секако има, тоа е неминовно во време кога практично функционирањето на глобално ниво се менува, но среќна сум што можам да кажам дека заедно со мојот тим, одржавме солидно темпо, не застанавме туку, напротив, го вложивме својот максимум и успеавме, верувам успешно, да останеме присутни, активни и да бидеме во чекор со понудата што ја наложи ситуацијата. 

ММ: Од 2008 година Елена Лука ја создава  својата приказна во македонската модна индустрија, иницирана од искрената желба на генералниот директор Елена Пандева да изгради сериозна модна платформа што ќе ги задоволи највисоките професионални стандарди во модниот дизајн. Колку сте задоволна од досега сработеното, од учеството во модната индустрија, од колекциите, кампањите со заштитни лица, хуманитарната работа?

  • Од една страна, малку е нескромно да зборувам низ таа призма на огледало, да се коментирам самата себе и својата работа, затоа тука е сиот минат труд и работа да зборуваат во мое име и да подлежат на оценка. Сепак, верувам дека фактот што постоиме повеќе од деценија, што Елена Лука како моден бренд изгради препознатливост и наметна еден поинаков стандард на работење, близок до она што се работи на светскиот пазар, што подразбира сериозни ревии, модни проекти, соработки во кои е вложен голем труд, како и самиот факт што и понатаму цврсто чекориме и сме присутни и надвор од овие граници, говори дека нештата имаат цврста основа, тек и квалитет.  Предизвик е да се одржи достигнатото ниво, во секоја смисла. Уште повеќе е одговорност – кон себе, вработените, клиентите, која не смеете да ја изневерите. Да се биде бренд, не е само убава модна придавка, тоа подразбира сериозен труд и  работа за да ја реализирате визијата, а воедно и да успеете да го создадете својот професионален идентитет и тоа на сите нивоа, што секако подразбира и оригиналност. Нималку лесна задача, бара конзистентност, пожртвуваност и констатно учење и подобрување. Ако имате амбиција да се стремите кон уште подобро, кон напред, мене мојата не ме напуштила, тогаш за вас не постои друга опција. Верувам дека сето она што е сработено во изминатите 12 години доволно зборува за тоа дека успеавме издржано да се носиме со „брендот“ како карактеристика. Стравот никогаш не треба да е поголем од возбудата за успех, ако сакате навистина да успеете.

ММ: Елена Лука важи за еден од најплодните модни брендови на домашната сцена. Ќе го менувате приодот кон купувачите започнат со електронската продавница и како сте задоволни од нејзиното работење?

  • Не би го нарекла менување на приодот, тоа е само проширување на можноста – оние што сакаат да носат парче со наш потпис, да ја имаат можноста за тоа – како тука, така и во светски рамки и секако прилагодување на она што новите трендови и побарувачка го наложуваат. Електронската продавница на Елена Лука, постои уште пред овој начин да стане доминантна опција на купување на домашниот празар генерално, со тоа што пред две години ја осовременивме уште повеќе и е само надополнување на некој начин на веќе постоечките локации, односно изложбени салони. Тогаш создадовме еден современ концепт и рационален принцип на користење, овозможувајќи им на сите што ќе ја посетат, да имаат пристап до сето она што го работиме – од ready to wear колекциите, преку ексклузивните колекции, bridal сегмент, обувки, модни додатоци, но посветивме дел и од информативен и едукативен карактер, што се реализира преку блогот, па секој може да прочита интересни и корисни информации секако поврзани со брендот, но и со модата, трендовите генерално. Отсекогаш сум сметала дека модната едукација е важна и сакав да ја направам подостапна. Воедно, сакавме да им го доближиме овој начин на купување на потрошувачите тука, но за разлика од претходно, кога за домашниот пазар тоа сè уште беше нов момент и кога се зборуваше за предностите и недостатоците на онлајн купувањето, на кое му се пристапуваше со несигурност, можам да речам дека луѓето денес се сосема комотни во ваквиот начин на шопинг, а тоа се покажа особено во последните две години. Факт е дека со технолошкиот напредок се менува и начинот на живот на обичниот човек, па оналјн купувањето е веќе нешто сосема нормално и актуелно и кај нас, а тоа се потврди и при работењето на нашата оналјн продавница, од чие функционирање сум навистина задоволна. 

ММ: Во кој правец ќе се дефинира уметничката експресија на Елена Лука во оваа година?

  • Секако ќе ја задржиме својата препознатливост. Ќе бидеме активни во сите аспекти на нашето работење. Ателјеата во Скопје и Струмица ќе го задржат оној сегмент на работењето по кој сме препознатливи и што нè профилираше на домашната модна сцена  – создавањето custom made креации со екстравагантна и луксузна нота. Секој што ќе посака уникатно, луксузно парче, создадено по личен сензибилитет, може да ги посети нашите салони и да направиме нечија желба или фантазија – реалност. Тука секако спаѓаат и идните невести и посебно е задоволството да се работи за нив, да се реализира нечија магична замисла. За нас овој дел од работата е веројатно и омилен, бидејќи сме во директен контакт со клиентот. Тоа е едно бесценето искуство, базирано на почит, емоција, креативност. Драго ми е што успеваме низ годините да покажеме и се’ уште го правиме тоа со голема страст и врвна професионалност, дека и на овие наши простори се работат сериозни креации што вклучуваат стотици часови рачна изработка, што имаат couture предзнак и што можеме да им овозможиме на жените тука да носат нешто навистина уметнички вредно и префинето, уникатно!
  • Од друга страна, во населба Аеродром и ГТЦ од неодамна, се модерните модни showroom салони, каде пред сè можете да видите огромен избор на секојдневни комбинации, од спортски до деловни, модни додатоци, обувки… Тука е онлајн продавницата нели, со навистина богата понуда. Секако дека, со доаѓањето на пролетта, следуваат и некои новитети, на кои интензивно работиме. Треба да го цениме и славиме животот, па токму тоа ќе го пренесеме и во моден контекст. 

ММ: Каде го гледате мотивот во создавање на колекциите, дали тоа се, како и порано, жените во нивната потрага во изразот на елеганцијата, префинетоста, визионерството?

  • Женската убавина, нејзиниот естетски, моден израз, префинетоста како што велите, се теми кои немаат рок на траење. За женската убавина се воделе војни, се пишувале песни, се создавале култни уметнички дела и сè уште е неисцрпна инспирација но, би кажала, и комплексна тема. Кога креативно ќе се нурнете, едноставно се препуштате да ве обземе. Секоја жена заслужува да биде сакана, среќна и убаво дотерана. Верувајте, нема поголемо задоволство кога ќе видите нечии очи како блескаат бидејќи одразот што го гледаат во огледалото им се допаѓа. Кога ќе видите насмевка како потврда дека сте придонеле некој да открие нова страна од својата личност, бидејќи модата ја имаа и таа моќ. Секоја жена е посебна и заслужува да се чувствува така во целост. И да, таа останува моја инспирација.
  • Уште кога ја основав Елена Лука, бев сигурна дека сакам да донесам нова, поинаква енергија и израз на модната сцена, да поставам нови стандарди што ќе одговорат и ќе им се приближат на светските постулати. Нашиот моден израз знаат да го наречат и смел, но зошто да не? Отсекогаш сакав да им овозможам на луѓето, жените, да видат и нешто друго, поинакво од комерцијалното, да уживаат носејќи нешто несекојдневно, врвно дизајнерски, авангардно. Да им овозможам да имаат нешто што не можеле дотогаш да го сретнат и горда сум што успеав во тоа, а уште повеќе ми е драго што тоа е препознаено и вреднувано. 

ММ: Секоја колекција на Елена Лука носи некој специфичен дизајнерски момент, дали такви ќе бидат и идните приказни кои ќе ги раскажува брендот и дали можете да ни откриете што би било она „тоа„ за паметење за пролет/лето 2021? 

  • Продолжуваме со интензивна работа и во периодот што претстои. Во подготовка е секако пролетната колекција, се работи на нови кроеви, дезени и дизајни, на кои со голема посветеност, но и возбуда работевме изминатиов период. Исто така, работиме и на проширување на модните граници, во план е нов showroom во Истанбул, како и сосема едно ново видување и „консумирање“ да речам, на луксузната облека со потпис на Елена Лука, со што ќе им ја приближиме на жените ширум светот. Досега тоа најчесто го правевме од аспект на ексклузивитет, во лимитирани или уникатни изработки, а сега ќе овозможиме еден поинаков пристап, во различни конфекциски броеви… Секако, кога сè ќе добие своја финална верзија, ќе ги споделиме новостите со пошироката јавност. 

ММ: За Елена Лука стана традиција секоја колекција да се заокружи со уникатни чанти и чевли кои го носат Вашиот дизајнерски потпис. Како Вашите клиенти реагираат на тоа?

  • Како што реков и погоре, кога ќе ги навикнете луѓето на одреден квалитет, естетски израз, тие ќе го очекуваат тоа од вас и тука не смеете да потфрлите. Воедно, должни сте да им понудите постојано нешто ново, нешто препознатливо за вас. Создавање чевли, чанти, чизми, ремени… со потпис на Елена Лука, ми беше предизвик кој го реализирав уште одамна преку луксузните колекции. Прва беше „Golden Reins“ уште во 2014 година, а тоа се потврди и во наредните колекции. Кога ќе влезете во Елена Лука, независно дали сте дошле во салонот во Капиштец, или Аеродром, ГТЦ, Струмица или пак онлајн, можете на едно место да најдете сè. Се посветив на тоа да им овозможам на клиентите такво уникатно шопинг искуство и според реакциите што ги добивам, одлуката била добра. Модните додатоци знаат да направат огромна разлика во изгледот – можат да го издигнат или да го намалат неговиот сјај. Како и за останатите сегменти од работењето и при создавањето на модните додатоци се користат квалитетни материјали, се следат потребите на клиентите и се создаваат парчиња со елементи од трендовска естетика, но сепак со доза на безвременост во себе.

ММ: Нина Бадриќ, сестрите Тодевски, Игор Џамбазов се само некои од вашите заштитни лица, но на некој начин се и амбасадори на Елена Лука на Балканот, па и пошироко во Европа. Што планирате на тој план и на која модна недела наскоро во регионот и пошироко?

  • Со оглед на тоа дека сè уште владее претпазливоста во поглед на доброто и безбедно здравје, што е секако од примарно значење, сè уште е рано да се зборува за одржување на модни недели или пак учество на нив. Дури и четирите модни метрополи имаа скратени верзии на модните недели и онлајн изданија, што секако го намали добро познатиот сјај на овие настани. Така што, останува да видиме како ќе се „отвора“ светот за ваков тип активности, затоа и не би давала некакви прогнози, бидејќи никој не знае точно што ќе се случува.
  • Сепак и во време на пандемија, Елена Лука оствари одлични соработки со познати личности од јавната сцена, па бевме присутни и на тие неколку настани што се одржуваа кај нас изминатиов период. Секогаш е огромно задоволство и мотив повеќе кога луѓето ви ја даваат својата доверба. Кога ќе се вратат повторно, тогаш тоа е само потврда повеќе за успешното работење и значи дека сте ја оправдале довербата. Горда сум што како модна куќа имаме одлично портфолио и во тој сегмент. Речиси да не постои ѕвезда од домашната модна сцена, со која не сме соработувале, што знаат дека кај нас ќе добијат уникатен третман и исто такви креации, а како што и самите споменавте, нашите парчиња „прошетале“ и на Балканот, но и пошироко. Ваквите соработки секако нема да изостанат и во наредниот период, како ниту нашето присуство надвор од овие граници.

ММ: Модерни и хумани е вашиот мотив од почетоците, од идејата за создавањето на Елена Лука. Кажете ни нешто повеќе за тоа?

  • Сметам дека е исклучително важно да се биде општествено одговорен. Живееме во време кое од една страна нуди придобивки кои го олеснуваат начинот на живот, но од друга страна, сведочиме на многу стрес, многу неубави мисли, дела… Би било многу убаво кога повеќе би се свртеле кон убавите нешта, кон меѓусебната емпатија, хуманоста и сите човечки доблести, бидејќи така верувам дека светот ќе биде едно поубаво место за живеење. Изминатава година убаво ни покажа дека на сите ни треба убав збор, поддршка, љубов, прегратка… Секој од нас може да направи нешто, па макар била и ситница и со тоа да му го разубави денот некому. Едно насмеан поздрав може многу да смени, а пак други работи… И нема поубаво чувство од таа духовна исполнетост, полно срце, кога знаете дека сте придонеле за нечиј подобар ден или живот. Се’ уште верувам и стојам зад тоа мое мото и мотив. Верувам дека и покрај сивилото со кое често сме опкружени, добрината не исчезнала од луѓето и дека може да направи промена, која верувам потребно ни е да ја почувствуваме уште повеќе. 

ММ: Какви и колкави последици ќе остави пандемијата врз модниот пазар и како тој, според вашето мислење, ќе изгледа потоа. Каква е вашата визија за Елена Лука – ќе излезете ли посилни за едно искуство?

  • Сметам дека допрва ќе посведочиме на тоа какви траги ќе остави пандемијата врз модната индустрија и пазар. Факт е дека оваа ситуација не’ натера, тука мислам на глобално ниво, да размислуваме како да му се приближиме на купувачот во нови услови и да ја направиме модата достапна. Но, исто така ја поттикна и креативноста, што е одлично и верувам допрва ќе уживаме во резултатот од тоа, во убави колекции, едиторијали, ревии… Онлајн купувањето ќе ја зацврсти својата позиција, тоа е сигурно, но верувам дека кога сето ова ќе се смири, а се надевам ќе биде што поскоро, луѓето ќе сакаат повторно да го имаат она класично шопинг искуство, кога сакате да го почувствувате материјалот, да го пробате моделот, да остварите комуникација со дизајнер… кое верувам, ќе се согласите, е незаменливо. Во човековата природа е да сака да комуницира, па затоа и овој вид комуникацијата помеѓу модните куќи/дизајнери и купувачи/потрошувачи недостасува.
  • Елена Лука, секако, ќе излезе посилна за уште едно искуство. Секое време носи свои предизвици, промени, во ова повеќегодишно искуство сме се соочиле со многу нешта и сме ги пребродиле. Во вакви предизвикувачки моменти за било која сфера, точно можете да видите дали сте го направиле вистинскиот избор, дали сте опкружени со вистинските луѓе, дали работењето ви се базирало на квалитет и има цврсти темели – јас сум среќна што во случајот на Елена Лука тоа е така и ние продолжуваме напред. Од оние сум што сметаат дека секогаш може повеќе и подобро и што не се задоволуваат со просечното, туку гледаат напред и се надградуваат. Нема да постигнете ништо ако само сонувате за успех, а не работите, не се движите. Нашиот моден ритам не застанува, уште пулсира и така е и ќе биде и после годината која сите ќе ја паметиме, со Господ напред. /Ј.П.

You may also like

Comments are closed.