Алек Наумовски

Алек Наумовски:  еден од најпознатите машки топ модели, со богата интернационална кариера; еден од основачите и менаџер на модната агенција Моделс Ин;  менаџер кој се опробал и како радио водител, модел и манекен кој сè уште важи за еден од најпривлечните Македонци. Алек Наумовски – еден и единствен на македонската модна сцена.

Алек Наумовски

 ММ: Како годината што минува во знакот Ковид -19 влијаеше на работата на вашето студио?

Впрочем како и сите други и нашата агеција беше погодена од светската пандемија, меѓутоа го совладавме новиот начин на новото “нормално” и остана тоа што мораше да го направиме, односно да се прилагодиме. Стапија на сила многу мерки и со тоа ни се отежна самата работа. Но и покрај сето тоа, огромна благодарност за моите модели што се грижеа за себе и останаа во одлична форма.

ММ: Кога и како се појави идејата да се направи агенција за модели?

Идеата се роди веднаш по моето враќање од интернационалниот моделинг кон крајот на деведесетите години, но за нејзина реализација одлучив по средбата со Надица Ѓорѓиева, кога сфативме дека е вистинско време за професионална модна агенција.

Алек Наумовски и Надица Ѓеорѓиева

ММ: Како би ја опишале модната сцена во Македонија, каде е во споредба со сцената во регионот, што и недостасува да биде на ниво со светот?

И покрај тоа што сме значително помал пазар од останатите земји во регионот, нашата модна сцена е солидна, имаме одлични модели и дизајнери и тоа само кажува дека сме на добар пат да парираме на глобална сцена. Во ова тешко време, голема поддршка и аплауз до нашите дизајнери кои вадат колекции на секои шест месеци.

Алек Наумовски

ММ: Лиценците за избори на убавици, едукациите, настаните – сето е исто така дел од Вашата работа. Што се случува на тој план?

Ние, како “Моделс ин”, сме организирале единствен избор за убавина низ годините -“Look of the year”, каде што ги пласиравме нашите модели на интернационална сцена. Искрено, јас верувам само на таков вид избор, бидејќи на таков настан доаѓаат главни букери, кастинг директори и газди на модни агенции каде што ги откриваат и создаваат идните топ модели. Ние еднаш годишно организираме едукативни курсеви и тука практично ги создаваме идните модели.

ММ: Моделите на вашата агенција работат за големите светски брендови. Со кој од нивните успеси сте најмногу горди?

Многу сме горди како агенција што во последните седум години создадовме повеќе од петнаесет модели што ги пласиравме директно во странските модни агенции. Можеби како врвно достигнување би го издвоил ангажманот на нашиот топ модел Елена Реи кога стана заштитно лице на “Calvin Klein” и ја отвори неговата ревија во Њу Јорк. Како светли точки би ги споменал и ангажманите на Јована Нешова за Кинески “Vogue”, Сандра Цветкова за “7 up”, Александар Златановски за “Armani Exchange”, Никола Андоновски “Levis” и “Nike” и Христијан Стојаноски за “Tommy Hilfiger”.

Алек Наумовски

ММ: Кои се нивните искуства кога зборуваат за нивната работа?

Сите оние модели кои работат во светот веќе ја познаваат тежината на самата работа и се максимално посветени. Низ годините се покажавме како професионална агенција навремено ги едуцираме и обучуваме за полесно да го совладаат тој пат. Нивните искуства се различни на свој начин и секој од нив работи на сопствената кариера. Општо во светот моделите се ценети и го нивниот труд е признаат низ светот. Основата за секој модел се стекнува во сопствената земја, односно секој модел мора да има матична агенција. Има период на градење на сооственото портфолио каде ние, како матична агенција, се трудиме да му трасираме патот до интернационалната модна сцена. Кога истиот ќе го помине овој пат ќе може полесно да работи во странство. Ние како агенција го вградуваме системот на вредности кој подразбира упорност, посветеност, дисциплина и одговорност.

Алек Наумовски

ММ: Кои се вашите планови за во иднина?

Пандемијата ни покажа дека не можеме да правиме долгорочни планови, меѓутоа тука сме за нашите модели, им даваме несебична поддршка и ги мотивираме да работат на себе, зато што никогаш не се знае кога ке ги повикаат.

Алек Наумовски

ММ: Ваш совет за сите оние кои сакаат да станат модели!

Мојот совет до оние што сакаат да започнат со моделинг е да бидат свои, уникатни, и да ја негуваат различноста. Во ова чудно време со уште почудни идоли, младите се идентификуваат со погрешни примери и наликуваат едни на други. Барајќи ја совршеноста во погрешни идоли ја губат сопствената индивидуалност, а за нас индивидуалноста е од непроценливо значење.

Алек Наумовски

ММ: Треба ли да се верува дека соништата се остваруваат кога ќе станеме достојни за нив?

Зад секој сон се крие голема работа најпрвин на себе и огромен труд за конечно да се оствари целта. Само оние кои не се откажуваат ќе успеат да уживаат во нивниот сон. /М.М.

Алек Наумовски

 

 

You may also like

Comments are closed.