ВестиКултура на живеењеМода вестиМоден мозаик

„Емотивна постава“ – кампања и изложба за женската сила во уметноста

Кампањата „Емотивна постава“ на „Пазел Конекшн“ и дизајнерката Стефанија Насеска Попадинец преку изложба ја слави женската сила, автентичноста и внатрешната енергија
Маркетинг-агенцијата Пазел Конекшн, во соработка со модната дизајнерка Стефанија Насеска Попадинец, ја реализира кампањата „Емотивна постава“ – автентичен проект што ја истражува длабоката поврзаност меѓу ткаенината, емоцијата и женската внатрешна сила. Проектот создава впечатлива визуелна и емотивна приказна што ја претвора модата во медиум за личен израз и уметничка комуникација.
Кулминацијата на кампањата ќе се случува од 20 до 31 мај во „Ист Гејт Мол“, каде што посетителите ќе имаат можност да ја видат изложбата поставена во рамките на проектот. Преку фотографија и визуелна уметност, изложбата ја доловува „емотивната постава“ како метафора за чувствата што се кријат под површината и ја обликуваат женската природа.
Од тимот на Пазел Конекшн упатија благодарност до РИ-графика, предводена од Елена Славковиќ, која ја препознала важноста на кампањата, како и до претставниците на „Ист Гејт Мол“, кои овозможија проектот да биде достапен за пошироката публика.
Во центарот на визуелната приказна е уникатна наметка изработена од различни текстури и материјали, како симбол на слоевитоста на женската емоција. Секој материјал носи сопствен сензибилитет, создавајќи композиција што говори за топлина, мекост, слобода и самодоверба. Наметката претставува модно дело што ја отсликува внатрешната сила и автентичноста.
Како дел од проектот, на кампањата ѝ се приклучува и инфлуенсерката Нина Ред, која ја носи оваа уникатна креација, претставувајќи ги сите емоции вткаени во неа. Токму оваа наметка, како централен симбол на „Емотивна постава“, ќе биде подарена на една жена, која ќе добие можност лично да ја почувствува приказната што ја носи.
Раководителката на секторот за дизајн во Пазел Конекшн, Александра Гатовска, истакнува дека идејата за кампањата произлегла од искрен разговор за модата и нејзината моќ да влијае врз начинот на кој жената се чувствува.
„Не станува збор само за естетика, туку за чувство на сигурност, мекост, самодоверба и слобода. Така се роди ‘Емотивна постава’ – како приказна за жената и невидливите чувства што ја обликуваат“, вели Гатовска.
Менаџерката за маркетинг и односи со јавност, Симона Митровска Бибановска, нагласува дека кампањата за неа има и лично значење.
„Бременоста во мене отвори сосема нов свет на емоции – од нежност и ранливост до сила за која не знаев дека постои. Тие чувства природно се преточија во оваа кампања“, посочува таа.
Дизајнерката Стефанија Насеска Попадинец додава дека проектот претставува спој на мода, емоција и лична вистина.
„Сакавме да покажеме дека облеката може да биде многу повеќе од визуелен израз – таа може да носи чувство и лична приказна“, нагласува Насеска Попадинец.
Особена автентичност на проектот му дава фактот што како модели се појавуваат токму неговите креаторки – Симона Митровска Бибановска, Александра Гатовска, Стефанија Насеска Попадинец и дизајнерката Роза Милкова, преточувајќи ги сопствените емоции во фотографија.
За визуелниот идентитет е заслужна фотографката Павлина Поповска, која ја прифатила соработката инспирирана од силната женска енергија што ја носи проектот.
„Емотивна постава“ претставува повик за прифаќање на сопствената автентичност, за славење на женската емоција и за препознавање на тивката, но моќна сила што живее во секоја жена.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.